Денес се празнува Петровден – празник посветен на Св. апостоли Петар и Павле

Сподели со своите пријатели

Православната црква денес го чествува празникот посветен на апостолите Св. Петар и Павле – Петровден.

Loading...

Со овој празник завршува еден од четирите повеќедневни пости во годината, кој е врзан за празникот на Апостолите.

Апостолот Петар се прославува како образец на цврстата и искрена вера, а Павле како оној кој најмогу се потрудил во проповедањето на распнатиот и воскреснат Исус Христос. Инаку тие, како и сите останати апостоли, имаат свои посебни празници во текот на богослужбеното годишно време.

Во Галичник Петровден се сметал за голем празник, тогаш иделе печалбарите и тогаш се правеле и свадбите. Останало забележано дека некогаш во еден ден имало 50 свадби, а удирањето на тапаните се слушало дури во Албанија.

Интересни обичаи и верувања поврзани со Петровден се забележани во Куманово.

Тој ден рано наутро уште пред сонце, оделе во бавчите и нивите, особено оние со бостан и од сите четири страни фрлале ситни камчиња. На тој начин според верувањето засновано на принципот на имитативната магија се влијае врз бостанот многу да врзува и брзо да расте.

Исто така бостанот, но и другите култури се прскале со вода од извор за да растат силно како водата што извира. Во овие петровденски верувања интересно е и фрлањето измет од стоката врз бавчите и нивите со земјоделски култури. Изметот земен од местото каде што стоката пладнувала (меризувала), или од пазарот се верува ќе влијае врз родот да биде густ и обилен како што била стоката на тоа место.

Во сиве овие верувања, како што може да се види присутна е имитативната магија верувањето дека сличното предизвикува слично.

Loading...