Објавувањето на сторијата за наводното неморално однесување на учителката од Куманово и јавното споделување на експлицитни фотографии, предизвика лавина реакции кај пошироката кумановска и македонска јавност во текот на вчерашниот ден.
Кумановчани вчера низ чаршија коментираа за случајот и додаваа секакви пиканетирии во отсутво на официјалната страна на целата сторија. Додека едни го осудуваа тој чин, односно наводното споделување на вулгарни фотографии на личниот профил на учителката од ООУ ”Кочо Рацин”, други коментираа дека таа всушност е наместена во целиот случај, односно дека не е точно дека таа ги споделувала ваквите фотографии и дека се работи за акт сторен против нејзина волја.
Во меѓувреме, додека јавноста се` уште се бранува со приказната за кумановската учителка, градоначалникот на Куманово даде свое видување на настанот, со образложение дека целиот случај се обзнанил во јавноста откако родителите на директорката на ООУ ”Кочо Рацин” и` предале ЦД со содржина преземена од социјалната мрежа Фејсбук.
- По повод скандалот кој излезе во медиумите, би сакал како надлежен човек за основното образование, без да коментирам ничиј приватен живот, да појаснам дека родителите пред недела дена на директорката и предале ЦД, при што учетелката била повикана на разговор при што самата си дала оставка. Мислам дека овој чин ги надминува сите морални норми во општеството, и не би сакал понатаму да коментирам за нејзиниот приватен живот. Учителката е присутна во образовниот процес повеќе од 20 години, при што во периодот од 1998 -2002 година беше директор на ООУ ”11 Октомври”, и по завршување на мандатот, беше примена како учителка во ООУ ‘Кочо Рацин”, изјави Дамјановски.
Дамјановски потенцираше дека ваквите случаи треба да послужат како пример за понатаму, т.е оние кои што се занимаваат со образовен процес, да се воздржат од вакви појави, бидејќи ваквото однесување претставува лош пример за децата и влијае на воспитниот – образовен процес.