Дамјановски до НЕТПРЕС: Немојте да фрлате прав во очите на народот (видео)

Сподели со своите пријатели

Откако новинската агенција Нетпрес.мк денеска излезе со натпис дека градоначалникот на општина Куманово ги казнува граѓаните на с. Пчиња и Романовце,оставајќи ги без вода и канализација иако Владата имала обезбедено финансиски средства, со експресна реакција се јави и Дамјановски, отфрлувајќи ги изнесените обвиненија изнесени во натписот на НЕТПРЕС.

Loading...

Имено, агенцијата, повикувајќи се само на изјавите дадени од Никола Груевски на 5-ти септември при неговата посета во Куманово, поточно во селото Пчиња и Романовце, тврди дека Министерството за транспорт и врски има резервирано финансиски средства кои би биле обезбедени само ако градоначалникот направи проект со кој би се аплицирал во Владата на РМ, но, како што стои објавено,  и по два и пол месеци после тоа,  градоначалникот не направил ништо.

Според градоначалникот на општина Куманово, Зоран Дамјановски,  ваквите обвунувања се само уште еден обид да се фрли прав во очите на народот пред самиот старт на политичката кампања, и дека тоа нема никаква врска со вистината.

Проектот од ЕБРД во висина од 3,5 милиони евра беше доделен на Куманово врз основа на методологијата од локалната самоуправа за рамномерен регионален развој, и таа сума на пари беше предвидена, и врз основа на тоа се направени седум приоритети за кои Советот на општина Куманово даде одобрение и се поднесени за овој кредит – вели Дамјановски.

Тој додава дека досега од овие пари се искористени само 150 илјади евра, и дека веќе три години се чека тендерска постапка за канализационен систем за село Речица кој чини 400 илјади евра, односно за Тромеѓа во износ од половина милион евра, како и проектот за водомери, протокомери, далечински мерачи и дефектомери кој чини милион и половина евра.

За започнување на овие проекти кои веќе се финансирани од ЕБРД, согласност треба да даде Министерството за транспорт и врски од каде се уште нема никаква реакција.

Поставувам прашање на Министерството за транспорт и врски и Министерството за финансии, зошто три години не се распишани сите овие постапки за кои општината има одвоено огромни суми на пари за изработка на проекти, ревизија и експропријација, истакна Дамјановски.

Дамјановски во истовреме додава дека проектот за село Романовце е направен пред шест години и дека е било аплицирано до Австриската влада, но истиот е вратен од Министерството за финансии.

Тој вели дека тоа е многу поголем опфат од предвидените пари дадени како остаток од оваа кредитна линија, па затоа приоритет е даден на водоводна мрежа за селото Пчиња, на чиј проект се работи и наскоро ќе се аплицира.

Ако тригодишни проекти кои се завршени и за кои е платена експрорпијација не се започнати на тендерска постапка, тогаш јас не можам да очекувам дека овој кој е четврти или петти по ред, ќе биде на примарно место. Тоа зборува дека, или нема редослед на нештата, или се даваат приоритети по политички цели – додава Дамјановски.

Дамјановски апелираше до НЕТПРЕС да не фрла прав во очите на граѓаните за она што не е нивна вина, бидејќи спроведувањето на овие тендери е во надлежност на министерството, а општината само аплицира до ЕБРД.

Loading...