Дамјановски: Ден пред натпреварот беше сугерирано на екипата дека ќе има употреба на сила (видео)

Сподели со своите пријатели

Градоначалникот Зоран Дамјановски и кошаркарите на КК Куманово денес одржаа прес конференција на која ги сумираа случувањата од вчерашниот натпревар со МЗТ, загубата, но и хаосот кој настана со судиската одлука за празнење на салата.

Да се заблагодарам од мое лично име и во име на граѓаните на Куманово за борбеноста, пожртвуваноста на играчите особено во завршницата на оваа превенство, каде покажаа голема желба з аосвојување на титула, меѓутоа ради сплет на околности и самата состојба во македонскиот спорт тоа задоволство ни беше ускратено – рече Дамјановски, нагласувајќи дека е горд човек што оваа екипа успеала да докаже дека е зрела за освојување на првото место.

Според Дамјановски, Куманово секогаш ќе остане со отворени врата за овој тим, според можностите и нивните желби, за да се направи добар тим, кој ќе биде гордост на кошарката, но не на онаа, како што вели ,која ја претставуваат луѓето од федерацијата.

Онаа што се случи како немил настан, непропорционална употреба на сила од Министерството за внатрешни работи, провокацијата од клупата на МЗТ која беше капка на преливање во инцидентот кој настана и бруталноста на специјалните единици на МВР врз младите жени, деца, над 40 лица побараа медицинска услуга, односно беа пуштени на преглед во Ургентниот центар, а 10 наши кумановци беа повикани во подрачната единица на министерството – рече Зоран Дамјановски, градоначалник на Општина Куманово.

Loading...

 

Дамјановски додаде дека ќе биде испратено барање до внатрешната контрола на МВР со цел да се направи ревизија на употребената сила врз публиката.

Мислам дека оваа сценарио беше подготвено многу понапред. Самиот факт што еден ден пред натпреварот на состанокот кој траеше повеќе од два часа беше сугерирано на екипата дека ќе има употреба на сила и беше запретено на управата и раководството на тимот за едно вакво сценарио. Се грозам од однесувањето на нашиот бивш играч, човек кој поникна во нашите редови, на кој несебично му дадовме шанса да оди во поголем клуб и да игра во АБА лига без никаква надокнада, за неговата провокација и сценариото кое што беше направено за да заврши оваа немила глетка, она што го видоа сите граѓани во Македонија – додава градоначалникот.

Тренерот на сино-белите, Марјан Србиновски истакна дека целта на играчите им била титулата и мајсторка која би била одиграна во недела.

Вчера цело време ја контролиравме утакмицата, до самиот финиш кај што примивме една невозможна тројка, но тоа е спорт. Кај нас има една голема горчина што не успеавме да дојдеме до таа мајсторка. Во тие последни 40 минути нема фаворити, значи одлучува инспирација моментална и мислам дека имавме големи шанси да го изненадиме МЗТ во нивната сала и да се радуваме на таа прва историска титула на Куманово, не го направивме тоа, имаше доста причини што не успеавме, но од спортски аспект сум задоволен од она што го направивм – изјави Србиновски.

 

На прашањето дали тој ќе остане на позицијата тренер на КК Куманово, рече дека допрва со управата ќе се разгледуваат можностите.

Капитенот на екипата, Александар Костоски рече дека физички сите се добро, но психички се уште се разочарани.

На нас само останува да бидеме единствени во тоа што го правиме како што бевме последниот период без разлика кој ќе игра за овој клуб. Едноставно и второто место за нас значи прво место, вчера кажав дека не е битно само да се дигне пехарот и да се стават медалите, битно е како се чувстваме внатре. Ние сит есе чувствувавме шампионски и се надевам дека еден ден ќе дојде пехарот и на нашата маса – рече Костоски.

 

Инаку, вчера КК Куманово го изгуби натпреварот со МЗТ Скопје Аеродром, а притоа насилно беа испразнети трибините во Спортската сала, по наредба на судиите на МКФ, при што приведени беа девет лица, а повредени 40 навивачи и тројца припандици на Единицата за брзо распоредување.