Неодамна, некои корисници на YouTube се жалат на проблеми со оваа видео услуга, поточно побавно време на вчитување на видеото.
Некои корисници на Firefox и Edge, како и Chrome на Google, се пожалија на овие проблеми.
Оваа недела американската компанија објави официјално соопштение во кое појасни за што се работи и дека доцнењето на репродукцијата не се случило случајно, туку така одлучил самиот YouTube.
А причината е поврзана со – блокатори на реклами.
YouTube веќе извесно време води војна со корисниците кои имаат инсталирано програми кои го блокираат прикажувањето на рекламите, а тие најавија дека некои корисници кои користат вакви блокатори повеќе нема да можат да гледаат видеа од нивниот сервис.
На таквите корисници им дадоа две опции – или да ги отстранат програмите што го оневозможуваат прикажувањето на рекламите или да платат за претплатата.
Но, дополнително, тие сега почнаа да ја користат тактиката на одложување на репродукцијата на видеото.
Иако некои технолошки медиуми објавија дека оваа тактика била наменета за корисници на други веб-прелистувачи освен Chrome, истите проблеми ги пријавиле и некои корисници на веб-прелистувачот на Google.
– За да поддржиме разновиден екосистем на создавачи ширум светот и да им овозможиме на милијарди пристап до нивните омилени содржини на YouTube, почнавме да ги охрабруваме гледачите со блокатори на реклами да овозможат реклами на YouTube или да се одлучат за YouTube Premium за доживување на гледање без реклами. Корисниците кои имаат инсталирано блокатори на реклами може да доживеат неоптимален приказ, без оглед на прелистувачот што го користат, објавено е во официјалното соопштение од оваа компанија.
Јасно е зошто YouTube се реши на овој потег.
Компанијата заработува милијарди долари од рекламирање на нивните сајтови, така што тие губат многу пари поради програми за блокирање реклами.
Како што нагласуваат на страницата Android Authority, се чини дека YouTube најпрво почна да тестира забавување на прикажувањето на содржината на Firefox и Edge, за подоцна тестирањето да се прошири и на Chrome.
Се чини дека тактиката на борба против блокаторите на реклами беше успешна затоа што во текот на изминатиот месец, голем број корисници деинсталираа блокатори на реклами, а многумина избраа да го сторат тоа токму поради YouTube, за да можат сè уште да пристапат до содржината на видео сервисот.