Царинските инспектори од Одделението за истраги при контрола на просториите на фирма од Кичево открија 594 лименки „Red Bull и 1528 лименки ,,Fanta’’ за кои се претпоставува дека се шверцувани во Македонија.
На 07.07.2015 година, инспектори од Одделението за истраги извршија контрола на стоката која се продава во простории на правно лице од Кичево, при што беше утврдено дека во магацинскиот дел каде е складирана стоката и на рафтовите за продажба има вкупно 594 лименки од 250 ml енергетски напиток „ Red Bull “ и 1528 лименки од 330 ml газиран сок ,,Fanta’’ Exotic.
Лименките од споменатите пијалоци беа без декларација за составот на производот на македонски јазик, а истиот бил напишан на грчки и албански јазик, што укажава на фактот дека стоката била наменета за грчки, односно албански пазар.
Сопственикот на правното лице во моментот на контрола не презентира никакви документи од кои би се утврдило потеклото на стоката, односно како е набавена и дали за истата се платени увозните давачки.
Поради постоење на основано сомнение дека станува збор за криумчарена стока, стоката е привремено одземена, а против правното лице и одговорното лице во правното лице Царинската управа ќе поднесе соодветна пријава.
Претходнo, при спроведени две акции во просториите на две фирми од Скопје беа откриени 326 литри шверцуван енергетски напиток „Red Bull“ без соодветна декларација на македонски, односно со декларации на бугарски и романски јазик.