Виктор Бут, руски трговец со оружје, кој се врати во Русија од американски затвор на почетокот на декември, учествуваше во саботата на отворањето на новиот огранок на националистичката Либерално-демократска партија на Русија во Луганск, Украина, кој моментално е под руска контрола.
Тој одржа говор во кој го спореди неговото лично враќање во Русија со враќањето на Донбас во руска сопственост.
– Внимателно следев се што се случуваше во Донбас во последните осум години. И знаете, вашиот пример ми значеше многу, бидејќи сите вие сте херои. Вашата волја, вашата одлучност и фактот дека не само што издржавте, туку победивте и се вративте во Русија, тоа е многу важно – им порача Бут на насобраните, пренесува Медуза.
– Значи, голема благодарност до сите вас. Вие бевте и моја инспирација, која ми овозможи да се вратам во татковината, како и целиот Донбас, да се вратам во Русија. Благодарам – додаде тој.
Телевизиската мрежа Звезда тврди дека Бут и шефот на партијата Леонид Слуцки „за малку ќе се нашле на удар“ при пристигнувањето на местото на настанот.
Да потсетиме, Бут се приклучи на Либерално-демократската партија на Русија минатиот понеделник, само неколку дена откако беше разменет за американската кошаркарка Бритни Гринер.
И покрај нејзиното име, партијата се залагаше за тврдокорна, ултранационалистичка идеологија и окупација на поранешните советски републики од нејзиното основање во 1991 година.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.