Буданов: Борбите во Украина не се поместуваат од „мртва точка“

Сподели со своите пријатели

Шефот на украинската воена разузнавачка служба Кирило Буданов денеска изјави дека борбите во Украина моментално се во „ќорсокак“, бидејќи ниту Украина ниту Русија не можат да постигнат значителен напредок.

Loading...

„Ситуацијата едноставно е заглавена“, рече Буданов во интервју за Би-Би-Си.

Буданов тврди дека Русија „сега се нашла во целосно ќорсокак“ и трпи многу значителни загуби, како и дека смета дека Кремљ одлучил да изврши уште една мобилизација на регрути.

Тој уште еднаш повтори дека на украинските сили сè уште им недостасуваат ресурси за напредување.

„Не можеме сеопфатно да ги победиме во сите правци. Ниту тие можат. Со нетрпение очекуваме нови набавки на оружје и пристигнување на понапредно оружје“, рече Буданов.

Претходно овој месец, по серијата руски воени неуспеси, украинските власти предупредија на можноста за нова копнена офанзива на московските сили од Белорусија на почетокот на следната година.

Но, Буданов ја отфрли таа можност.

„Засега не гледам знаци на подготовки за инвазија на Киев или северните региони од Белорусија“, рече тој.

Loading...

Интервјуто со Буданов се случи неколку дена откако рускиот претседател Владимир Путин отпатува во главниот град на Белорусија, Минск, за прв пат по повеќе од три години.

Посетата на Путин ги поттикна шпекулациите дека тој може да се обиде да го убеди претседателот Александар Лукашенко, долгогодишен сојузник, да испрати белоруски војници во Украина, наведува Би-Би-Си.

Буданов го изрази своето верување дека белоруското општество нема да поддржи понатамошно вклучување во војната и аналитичарите го доведуваат во прашање нивото на подготвеност на нејзината армија од 48.000 војници.

„Затоа претседателот Лукашенко ги презема сите чекори за да спречи катастрофа за неговата земја“, рече тој.

Исто така, Буданов рече дека воздушните напади врз Украина најверојатно ќе продолжат, но посочи и дека Русија нема да може да го задржи нивото на напади поради, како што тврди, намалените ракетни резерви и неможноста на руската индустрија да ги надополни.

Војната можеби засега е во „ќорсокак“, но Буданов е категоричен дека Украина на крајот ќе ја врати целата територија што сега е под окупација, вклучувајќи го и Крим, полуостров што Русија го зазеде во 2014 година.

Неговите предвидувања се дека Украина ќе се врати на границите од 1991 година, кога беше прогласена независност по распадот на Советскиот Сојуз.

Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.

Loading...