Скоро половина милион, или поточно 437.915 бегалци транзитирале низ Македонија откако започна издавањето на потврдите за намера за барање азил од Министерството за внатрешни работи.
Вкупно 384.481 потврди беа издадени во периодот од 19-ти мај до крајот на 2015-та година, а од почетокот на 2016-та заклучно со вчера издадени се 53.434 потврди.
Од започнувањето на издавањето на потврдите до крајот на 2015 година до Секторот за азил беа поднесени вкупно 86 барања за признавање на право на азил врз основа на претходно издадена потврда, а од почетокот на оваа година тоа го сторија шест бегалци.
Најголем дел од бегалците кои што добија потврди се од Сирија, Ирак и Авганистан, а станува збор за огромен број малолетни деца, од кои 10.000 исчезнати по кои трага Европол.
Според сите најави од УНХЦР бранот нема да запре, туку можно е интензивирање на транзитото на бегалците низ рутата на Балканот.