„Искрено се надевам дека сите „душегрижници“ кои во изминатиов период ме прозиваа „каде е Бранко“, ќе бидат заедно со своите најблиски во мојата близина. „Ладата“, симболот на „отпорот“, е во одлична состојба, редовно одржувана и навреме регистрирана“, пишува Бранко Црвенковски во своето писмо до јавноста по подолга политичка пауза.
Тој во своето писмо вели дека му честита и го поддржува сегашниот лидер на опозцијата, Зоран Заев, затоа што преку „Вистината за Македонија“ на најдиректен начин ги соочил сите со катастрофалната реалност во која живееме.
Според Црвенковски, прес-конференциите не се доволни за режимот да падне.
„Јасно е дека тие се подготвени да направат сè за да ја задржат власта. Клучното прашање е што сме подготвени да направиме ние?“, прашува Црвенковски во обраќањето.
„Да се ослободиме од илузијата дека по обелоденување на „бомбите“, Груевски и камарилата самите ќе си поднесат оставки и со наведнати глави ќе си заминат. Детски наивно е да се очекува од вакви луѓе, по сè што направија, да покажат какво било чувство на одговорност. Ваква тоталитарна власт, која ги контролира сите институции, ги злоупотребува народните пари и ги уредува најмоќните медиуми во земјата, не може да биде поразена ниту од поединци ниту од опозициски партии. Ваква диктатура може да биде поразена само од народ и со народ“, пишува во обраќањето на поранешниот лидер на најголемата опозициска партија.
Црвенковски во своето писмо понатаму објаснува дека ниту бил болен или уценуван, од политичката сцена се повлекол поради тоа што не сакал на каков било начин да ѝ даде можност на власта да ја продолжи повеќегодишната, примитивна и црна кампања поврзана со него и против новото раководство на СДСМ.
Тој смета дека на Македонија во битката против овој злосторнички и тоталитарен режим ѝ е потребно едно широко народно движење, сеопфатен опозициски демократски фронт, кој во севе ќе ги вклучи буквално сите што можат и сакаат да дадат свој придонес.
„Со Република Македонија владее еден тоталитарен, криминоген и корумпиран режим, за кој не постои ниту устав ниту закон. Режим кој целосно, прво ги партизираше, а потоа и приватизираше сите институции на државата. Режим кој ги злоупотребува сите финансиски ресурси на земјата, не за доброто на народот туку за една единствена цел – како да се задржи власта и да се полнат приватните сметки во странските банки. Тоа е една структура од исфрустрирани ликови, за кои човечкиот живот не вреди ниту пет пари, кои зацрнија цели семејства и кои од Македонија направија земја на политички затвореници. Кој живее на кредит умира на рати, а оваа власт неколкукратно ја задолжи земјата и тоа за забегани и коруптивни проекти, со што ја уништи перспективата на овој народ. Со овој и ваков режим, Македонија нема никаква, а камоли европска иднина. Подготвен сум на ист начин, како на 24 декември 2012 година, заедно со син ми да бидам во првите редови“, пишува во писмото на Црвенковски.