Борел: Сакаме да го вклучиме Западен Балкан во нашиот процес на одлучување пред неговиот влез во ЕУ

Сподели со своите пријатели

Европската унија смета на земјите од Западен Балкан како сигурни партнери во надворешната, безбедносната и одбранбената политика, што вклучува усогласување со одлуките на ЕУ во тие области, истакна шефот на европската дипломатија Џозеф Борел на министерска средба во Брисел, соопшти Советот на ЕУ.

Loading...

По состанокот на министрите за надворешни работи на членките на ЕУ и од Западен Балкан, Советот изјави дека Борел ја истакнал важноста од единство и силна соработка со партнерите од Западен Балкан со цел да се изгради отпорност и да се промовира мирот и стабилноста на континентот.

Целта на состанокот, со кој претседаваше Борел, беше дополнително да се интензивира ангажманот на Унијата со шесторката од Западен Балкан, со акцент на заедничките безбедносни предизвици, кои вклучуваат „странско мешање и манипулација со информации, сајбер закани и последиците од руската агресија врз Украина“, соопшти Советот на ЕУ.

Советот додава дека состанокот, исто така, дал можност за размена на мислења за предизвиците во регионот и неговата европска иднина во време кога политиката за проширување на ЕУ доби нов замав и по неодамнешното усвојување на извештаите за проширување на Европската комисија (ЕК) со кои се оценува напредокот на секој партнер на патот кон ЕУ.

Борел ја повтори континуираната силна поддршка на ЕУ – политичка, техничка и финансиска – за сите кандидати и потенцијални кандидати, што треба да им помогне да ги унапредат клучните политички, институционални, социјални и економски реформи, се вели во извештајот.

Се додава дека новиот План за раст на Западен Балкан, кој ЕК го усвои минатата недела, треба да им овозможи на партнерите зајакнување на реформите и инвестициите, со цел значително да се забрза процесот на експанзија и раст на нивните економии.

Србија на состанокот беше претставена од министерката за евроинтеграции Тања Мишчевиќ, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово од шефовите на дипломатиите Филип Ивановиќ, Елмедин Конаковиќ, Игљи Хасани и Доника Гервала-Шварц, а Македонија од заменик министерот за надворешни работи Фатмира Исаки.

Борел за време на состанокот изјави дека ЕУ сака да го вклучи Западен Балкан во својот процес на одлучување пред влезот на регионот во Унијата.

Loading...

„Вечерва претседавам со министерскиот состанок ЕУ-Западен Балкан, со шест министри од тој регион. Сакаме да го интегрираме регионот во нашиот процес на одлучување уште пред пристапувањето, вклучувајќи ги и одлуките за надворешната и безбедносната политика. Местото на Западен Балкан е во ЕУ“, изјави Борел на социјалната мрежа Х.

Во документот, меѓу другото, од Советот на министри на ЕУ се бара земјите од Западен Балкан да учествуваат најмалку еднаш на секои шест месеци на состаноците на шефовите на дипломатиите на земјите-членки на ЕУ, а се предлага и дека земјите од Западен Балкан учествуваат на неформалните средби на амбасадорите на земјите од ЕУ.

На овој начин треба да се обезбеди „приспособување на заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската унија“, се наведува во документот.

„Бидејќи очекуваме нашите партнери да се ориентираат кон надворешната политика на ЕУ, веруваме дека таков интензивен дијалог ќе го продлабочи разбирањето на позициите на ЕУ. Соработката ќе ни овозможи да се спротивставиме на надворешниот притисок и на руските и другите штетни наративи во регионот, кои се некомпатибилни со вредностите на ЕУ и меѓународниот поредок заснован на правила“, се вели во документот.

Претходно Борел изјави дека партнерите на ЕУ од Западен Балкан мора „поблиску“ да ја координираат својата надворешна и безбедносна политика со ЕУ, а шефицата на словенечката дипломатија Тања Фајон рече дека во тој случај претставниците од Западен Балкан би можеле да учествуваат како набљудувачи на состаноците на министрите за надворешни работи на земјите членки на Унијата.

Шефот на европската дипломатија изјави дека некои земји од регионот „немаат голем резултат во усогласувањето со европската надворешна политика и санкциите“.

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, кој исто така учествуваше на вечерашната средба во Брисел, на Х напиша дека интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е „заедничка цел“ на двете страни.

„Тоа се однесува на нашата заедничка безбедност, нашата стабилност, нашиот просперитет. Обезбедувањето мир на нашиот континент е наш заеднички проект“, рече Вархеји.

Loading...