Милијадерот Џеф Безос, сопственик на Амазон и компанија за комерцијализација на вселената „Блу Ориџин“, претстави макета на идното вселенско летало за спуштање на Месечината.
Тој понудил низа детали за стратегијата која ја развива со американската влада, а чија цел е воспоставување на лунарна база во рок од пет години, јавуваат агенциите.
Безос на конференцијата за медиуми рекол дека леталото „Блу мун“ би можело да доставува разни видови багаж на непристапната површина на Месечината, па можеби дури и луѓе.
Американскиот потпретседател Мајк Пенс во март побарал од агенциите НАСА да изгради вселенска платформа во месечевата орбита и да доведе американски астронаути на месечевиот јужен пол до 2024 година „како знае и умее“, четири години порано од планираното.
На јужниот пол Месечината има вода која би можела да се користи за производство на водород, гориво за останатите истражувачки мисии во вселената.
– Ми се допаѓа тоа. Можеме да помогнеме рокот да се испочитува, но само затоа што работата на лунеарното летало започна пред три години. Време е да се вратиме на Месечината и овој пат да останеме, рекол Безос.
Леталото на Месечината може да однесе до четири мали ровери, рекол тој, и претставил еден со големина на количка за голф.
Исто така го претставил новиот ракетен мотор БЕ-7 со тежина од 4.535 килограми.
„Блу Ориџин“ со седиште во Кент, Вашингтон развива и две ракети: „Њу Шепард“ за кратки туристички вселенски летови и „Њу Глен“ за тешок багаж.