Националниот кризен центар на Белгија ја започна кампањата „Подгответе се заедно“, која официјално ги поканува граѓаните да подготват комплет за итни случаи, кој содржи храна и вода за три дена, фенерче и радио за итни случаи на батерии.
Целта на кампањата е да се зајакне отпорноста на општеството и да се поттикне поголемо вклучување на граѓаните во реагирањето на кризни ситуации што можат да се случат „било каде и во кое било време“, според Националниот кризен центар, пренесува VRT.
„Свеста и подготвеноста на самите граѓани се клучни за најефикасниот одговор во итни ситуации. Секако нема потреба за паника, но секогаш е добро да се биде подготвен“, нагласи белгискиот министер за внатрешни работи Бернар Кентин во интервју за Радио 1.
Тој додаде дека во Белгија недостасува „култура на безбедност“.
„Мора да разбереме дека не живееме во истиот свет како пред 20 години. Го видовме тоа во Газа, во Украина, но тоа важи и за природни катастрофи. И се надеваме дека ова никогаш нема да биде потребно“, рече тој.
Кризниот центар нагласува дека целта не е да се предизвика страв, туку да се подигне свеста.
„Со години даваме совети за вонредни ситуации, за да можат сите да бидат што е можно подобро подготвени и службите за итни случаи да се концентрираат на оние на кои им е најпотребно“, наведува Центарот.
Посебен акцент се става и на навременото информирање, а на граѓаните им се препорачува да користат официјални канали како што се системот за предупредување BE-Alrt, локалните медиуми и веб-страницата на Кризниот центар, за да можат во кризни ситуации брзо да добијат сигурни информации.
„За време на катастрофи, секој треба да знае каде да бара проверени информации. Во такви времиња, лажните вести брзо циркулираат, а некои дури и профитираат од нив“, изјави портпаролот на Кризниот центар.
Планот на кампањата предвидува постепено проширување на темите, вклучувајќи ги и потенцијалните нуклеарни ризици, пренесува Танјуг.

