Фондот за здравствено осигурување воведе две нови услуги за осигурениците, електронска услуга за издавање на предлог за комисиско продолжување на боледување (ПСР) и извештајот за спреченост на работа (ИСР) и електронска услуга за поднесување на електронско барање за остварување на надомест за плата, право на боледување и породилно отсуство.
Со првата електронска услуга, како што соопштуваат од ФЗОМ, ќе се овозможи матичните лекари, користејќи го порталот на Фондот, да може да издаваат предлог за комисиско продолжување на боледување (ПСР) и извештај за спреченост на работа (ИСР) за своите пациенти, по електронски пат и на тој начин да ги заменат досегашните хартиени обрасци.
Електронски пополнетите барања за предлог за комисиско продолжување на боледување и извештај за спреченост на работа ќе формираат електронска база на податоци во Фондот, која ќе им овозможи увид на лекарските комисии во оваа документација. Осигурениците веќе нема потреба да ги носат овие документи во хартиена форма во подрачните служби, туку матичните лекари тоа ќе го прават електронски.
Втората електронска услуга е електронското барање за надомест на плата по основ на боледување и породилни отсуства. Со оваа нова електронска услуга ќе се замени класичното доаѓање во подрачните служби на Фондот. Останува овластеното лице од компанијата кое поднесува барање за боледување само да ја впише трансакциска сметка на вработениот. Сите останати документи ги има во електронската база на податоци на Фондот.
Со овие услуги се затвора кругот на цел процес на електронско работење во делот на боледувања. Бенефит ќе почувствуваат сите граѓани кои имаат потреба од надомест на плата и боледувања, компаниите каде работат овие лица кои електронски ќе поднесуваат барање за нивниот вработен, што беше и барање на самите компании а и матичните лекари затоа што веќе нема потреба да пополнуваат хартиени обрасци, туку сите податоци стануваат електронски достапни – велат од Фондот.
преземено од: тхинк.мк