Индонезискиот остров Бали ќе ангажира 4.400 инфлуенсери за да го оживее туризмот погоден од пандемијата на коронавирусот.
Инфлуенсерите ќе уживаат во бесплатно патување околу Бали од октомври до ноември и ќе ги објавуваат своите искуства на социјалните мрежи како дел од кампањата „Го сакаме Бали“, се вели во соопштението на туристичката организација на островот, како што објавија агенциите.
„Ковид-19 зададе сериозен удар на економијата на Бали, социјалниот и здравствениот сектор, вклучително и туризмот“, соопшти организацијата, додавајќи дека околу 75.000 туристички работници останале без работа.
Целта на кампањата е да се промовира „новата ера на туризам“ во која посетителите мора да ги почитуваат здравствените препораки за носење маски, социјално растојание и редовно миење на рацете, се вели во соопштението.
Бали беше отворен за туристи од другите делови на Индонезија на крајот на јули, а планот за отворање за странци на 11 септември не успеа како резултат на зголемувањето на бројот на случаи на инфекција со коронавирус.