На Младинскиот куп во Атлетика кој викендов се одржа во Скопје, Атлетскиот клуб Куманово повторно прикажа целосна доминација врз останатите клубови од државата.
Машката конкуренција го освои првото место, додека женскиот дел не успеа да брилира доволно. Сепак збирно со сениорските категории, клубот на крајот на оваа година повторно ќе ја добие наградата за најуспешен атлетски состав во Македонија
– Поените се собираат од сите четири екипи, на крајот на годината се пресметува кој е клубот со најмногу поени, односно најдобриот клуб, така да и оваа година завршуваме како најдобар клуб во Македонија, тоа е најважното, кон што целивме да го направиме. Имаше добри лични постигнувања, но едноставно ова не е натпревар каде се освојуваат медали, туку се постигнуваат пласмани според однапред утврдени норми. Имавме на пример и први и втори места, но немаше исполнета норма така да не донесува поени, такви се победите во скок во далечина, скок во височина. Битно е да се постигне резултат од некоја поставена норма, ако не се постигне залуден е успешниот пласман. Доста интересно натпреварување и со строги критериуми и не е воопшто лесно да се постигнат поени, изјави Филип Колевски, тренер на Атлетски клуб Куманово.
Извонредните резултати во машката конкуренција клубот ги постигна благодарение на пожртвуваноста и успехот на Милан Вељковиќ и Иван Тимчевски, кои настпауваа во неколку категории.