Атлетскиот клуб Куманово убедливо е најдобар на Сениорскиот куп каде настапија и во машка и во женска конкуренција. Претходно учествуваа и на сите девет натпреварувања на Атлетската федерација каде исто така остварија врвни резултати. Учество зедоа и на меѓународни натпреварувања.
Не верував дека ќе успееме пак да бидеме најдобри, вели тренерот на клубот Филип Колевски, кој додава дека со повредени атлетичари заминале на натпреварувањето, каде сепак беа најдобри.
– Успеавме со пожртвуваност на овие млади деца да ги освоиме сите три пехари, сите категории, во машка, женска и севкупна категорија, во атлетика постои рангирање, се собираат поените од машка и женска екипа и се прогласува најдобар сениорски клуб. Успеавме и севкупно, тука бевме подоминантни, имаше многу добри резултати постигнати од поединци, но имавме и „киксови“ некои, сепак се на се го остваривме минимумот да бидеме екипни победници и останува да се посветуме на меѓународните натпревари на кои дел од нашите членови изборија учество во репрезентацијата на Македонија, изјави Колевски.
Кумановските атлетичари ќе учествуваат на Балканското првенство под 18 и под 20 години и Сениорско балканско првенство, каде заминуваат со надеж за обезбедување пласман на Светското атлетско првенство за младинци.
– Има резерва, има потенцијал, бидејќи ова е многу напорен натпревар, во два дена се учествува во повеќе дисциплини со цел да се помогне на клубот, но има норми, не е доволно само да се заврши некоја дисциплина, туку мора да се освои некој резултат, така да што освојувањето поени во атлетиката на Сениорскиот куп е доста тешко, може да се победи, но ако нема некој резултат да се освои некој минимум, не се освојуваат никакви поени, мора да се оствари квалитет на секоја дисциплина, додава тренерот Колевски.
Една од најдобрите во Македонија, атлетичарката Матеја Ефремовска на Сениорскиот куп учествуваше во вкупно пет дисциплини и освои врвни резултати. Моментално се подготвува за фрлачките дисциплини, а во јули ќе се бори за Балканското сениорско првенство.
– Не очекував дека толку добар пласман ќе обезбедам во сите дисциплини, посебно се изненадив за штафетата 4х100 метри, која беше доста тешка норма, немавме никогаш остварено норма и ова беше баш добро изненадување што ни озвоможи да донесеме уште поени во клубот. Фрлав диск и ѓуле и штафета, во тие три дисциплини победивме, а во скокачките освоив второ место, додава Ефремовска.