Арагчи: Техеран е отворен за дипломатија ако САД го променат својот пристап

Сподели со своите пријатели

Вооружените сили на Иран се целосно подготвени „решително да одговорат на секоја закана“, изјави иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, и рече дека Техеран е сè уште подготвен за дипломатија доколку САД го променат својот пристап.

„Иран не започнал наметната војна и Техеран е подготвен да го продолжи дипломатскиот процес доколку САД се откажат од своите прекумерни барања, заканувачка реторика и провокативни дејствија. Вооружените сили на Иран остануваат целосно будни и подготвени сеопфатно и решително да ја бранат земјата од каква било закана или злонамерен чин“, предупреди тој.

Во одделни телефонски разговори со шефовите на дипломатиите на Турција, Катар, Саудиска Арабија, Египет, Ирак и Азербејџан, Арагчи ги изрази ставовите на Иран за актуелните регионални настани и ги обвини САД и Израел за, како што изјави, „агресија“ што ја загрозува стабилноста на Персискиот Залив, пренесува Тасним.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Страшна трагедија: Се урна авион со спортисти, никој не ја преживеа несреќата

Тој оцени дека главните извори на несигурност во регионот се поврзани со воените активности на САД и Израел, вклучително и тензиите околу стратешки важниот Ормутски теснец.

Иранскиот министер изјави дека, и покрај „длабоката недоверба“ кон Вашингтон, Техеран е подготвен да учествува во преговори со посредство на трети страни, со цел да се стави крај на конфликтот и да се смири ситуацијата во регионот.

Функционерите на неколку држави од регионот, со кои разговараше Арагчи, ја изразија својата поддршка за дипломатските напори и својата подготвеност да придонесат за смирување на тензиите, пренесува Танјуг.