Амнести ја обвини Русија за воени злосторства во Украина

Сподели со своите пријатели

Амнести интернешенел (АИ) ја обвини Русија за воени злосторства во Украина, велејќи дека неколку стотици цивили биле убиени во нападите врз Харков, многу од нив касетни бомби.

Loading...

АИ наведе дека за време на длабинската истрага, открила докази дека во седум напади врз делови на Харков, вториот по големина град во Украина на североисток, руските сили користеле касетни бомби како H210 и 9H235 и касетни мини.

Тоа се две категории оружје забранети со меѓународни договори.

Во извештајот насловен „Секој може да умре во секое време“ се наведува дека руските сили убиле и нанеле огромна штета со постојаното бомбардирање на станбените области на Харков од почетокот на инвазијата на Украина на 24 февруари.

„Луѓето беа убиени во своите домови и на улиците, на игралиштата и на гробиштата, додека чекаа ред за хуманитарна помош или додека купуваа храна и лекови“, рече Донатела Ровер, истражувач задолжен за кризи и конфликти во АИ.

Таа додаде дека тоа е „шокантна повторна употреба на широко забранетата касетна муниција“ и дека покажува „целосно занемарување на цивилниот живот“.

Иако Русија не е потписник ниту на Конвенцијата за касетна муниција ниту на Конвенцијата за противпешадиски мини, меѓународното хуманитарно право забранува напади и употреба на оружје кое по својата природа неселективно напаѓа и претставува воено злосторство, се вели во извештајот.