Младиот фудбалер од Куманово, Александар Савиќ, ќе ја продолжи својата кариера во Германија, откако потпиша договор со германскиот клуб Туру Диселдорф (TuRU Düsseldorf), кој се натпреварува во повисок ранг на натпреварување.

Савиќ своите први фудбалски чекори ги направи во ФК Куманово Еуроспорт, каде што на 11-годишна возраст започна да тренира и настапува сè до кадетската конкуренција.
Во тој период забележа значајни успеси во Суперлигата под водство на тренерот Далибор Трајчев.
Потоа кариерата ја продолжил во скопски Вардар, каде што една сезона настапуваше за кадетската и младинската екипа.

По престојот во главниот град се врати во родното Куманово и го облече дресот на ФК Куманово, со кој ја освои првата позиција во Втората лига со генерацијата родена 2004 година.
Следен чекор во неговата кариера беше настапот за првиот тим на ГФК Куманово, каде што помина една сезона во сениорска конкуренција.

По заминувањето во Германија, Савиќ две сезони настапуваше за КСЦ Тесла во Диселдорф, а добрите игри му донесоа нов предизвик.
Ова лето тој направи трансфер во Туру Диселдорф, каде што го потпиша својот прв договор, на инсистирање на тренерот Синиша Недељковиќ.

Со овој трансфер, уште еден млад фудбалер од Куманово добива можност да се докажува на германската фудбалска сцена и да го продолжи својот развој во поконкурентна средина.

Никола Ивановски

