Бунтовниците извршија ненадеен напад врз градовите под контрола на сириската влада и стигнаа до Алепо, кој последен пат беше под контрола на опозицијата во 2016 година, кога силите на Асад, со помош на Русија, Иран и шиитските милиции, го вратија градот по долга опсада.
Сириските власти го затворија аеродромот во Алепо и сите патишта кои водат до тој град на северот на земјата, јавува Ројтерс повикувајќи се на три воени извори.
Бунтовниците, предводени од исламистичката група Хајат Тахрир ал-Шам, објавија дека го освоиле центарот на Алепо, речиси десет години откако беа протерани од силите на претседателот Башар ал Асад и нивните сојузници.
Според воени извори, Русија ветила дополнителна воена помош за Дамаск за да спречи понатамошен напредок на бунтовниците, а се очекува дополнителна воена опрема да пристигне во следните 72 часа.
На сириската армија ѝ беше наредено „безбедно да се повлече“ од областите под контрола на бунтовниците, додека судирите продолжија во неколку населби на Алепо.
Командантот на бунтовничката група Џаиш ал-Иза, Мустафа Абдул Џабер, изјави дека нивниот брз напредок е овозможен поради послабото присуство на иранските сили во Алепо.
Според информациите од опозициски извори, Турција, која ги поддржува бунтовниците, дала зелено светло за нападот, додека турскиот министер за надворешни работи Ончу Кечели рече дека Турција сака да избегне понатамошна нестабилност во регионот и предупреди дека нападите ги загрозуваат договорите за деескалација.
Сириската државна телевизија ги негираше тврдењата на бунтовниците дека го зазеле Алепо, велејќи дека Русија и дава воздушна поддршка на сириската армија.
Сириската армија тврди дека одговорила на нападот и им нанела големи загуби на бунтовниците во околината на Алепо и Идлиб.
Заменик регионалниот хуманитарен координатор на ОН за Сирија, Дејвид Карден, изрази длабока загриженост за ескалацијата на конфликтот.
„Продолжените напади во изминатите три дена ги однесоа животите на најмалку 27 цивили, вклучително и деца на возраст од осум години“, рече тој.
Според сириската новинска агенција Сана, четири лица, меѓу кои двајца студенти, биле убиени во петокот во Алепо. Не е јасно дали тие се дел од жртвите кои ги спомна официјалниот претставник на ОН.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека Русија го смета нападот на опозицијата за кршење на суверенитетот на Сирија, нагласувајќи дека Москва ги поддржува напорите на сириските власти да ја вратат контролата врз областа.