Кога ќе го напишете името на познатиот физичар Алберт Ајнштајн на Гугл пребарувачот, сигурни сме дека ќе ја забележите фотографијата на која седокосиот генијалец го покажува јазикот. Ако сте помислиле дека е во прашање некоја фотомонтажа, се лажете. Фотографијата навистина е автентична, а еве како настанала.
Во дамнешната 1951 година на 14 март, пријателите на Ајнштајн и колегите му приредиле забава по повод неговиот 72. роденден. Таа вечер, во Принстон клубот, освен многубројните гости, пристигнале и голем број фотографи и медиуми. Видно уморен, физичарот сепак ревносно продолжил да им позира на фоторепортерите. На крајот на вечерта, еден пријател се понудил да го одвезе Ајнштајн дома и таман кога генијалецот влегувал во автомобил, фотографот извикал: „Може ли уште една фотографија?“.
Фотографот Арт Сас тврди дека во тој момент Алберт го покажал јазикот и дека тој момент го овековечил со својот апарат. Токму тогаш, настанала оваа легендардна фотографија која и самата му се допаднала на големиот научник. Подоцна Алберт Ајнштајн од фотографот нарачал уште девет такви фотографии, а некои од нив ги искористил за испраќање честитки.