Атлетичарите на Куманово повторно најдобри во државата

Сподели со своите пријатели

На Младинскиот куп во Атлетика кој викендов се одржа во Скопје, Атлетскиот клуб Куманово повторно прикажа целосна доминација врз останатите клубови од државата.

Машката конкуренција го освои првото место, додека женскиот дел не успеа да брилира доволно. Сепак збирно со сениорските категории, клубот на крајот на оваа година повторно ќе ја добие наградата за најуспешен атлетски состав во Македонија

– Поените се собираат од сите четири екипи, на крајот на годината се пресметува кој е клубот со најмногу поени, односно најдобриот клуб, така да и оваа година завршуваме како најдобар клуб во Македонија, тоа е најважното, кон што целивме да го направиме. Имаше добри лични постигнувања, но едноставно ова не е натпревар каде се освојуваат медали, туку се постигнуваат пласмани според однапред утврдени норми. Имавме на пример и први и втори места, но немаше исполнета норма така да не донесува поени, такви се победите во скок во далечина, скок во височина. Битно е да се постигне резултат од некоја поставена норма, ако не се постигне залуден е успешниот пласман. Доста интересно натпреварување и со строги критериуми и не е воопшто лесно да се постигнат поени, изјави Филип Колевски, тренер на Атлетски клуб Куманово.

Извонредните резултати во машката конкуренција клубот ги постигна благодарение на пожртвуваноста и успехот на Милан Вељковиќ и Иван Тимчевски, кои настпауваа во неколку категории.

 

Loading...

 

Тимчевски свој настап имаше во категориите, на 800 метри, 1.500 метри, штафета 400 пати по 400 и штафета со пречки.

– Ги исполнив нормите на сите дисциплини, исто така можам да се пофалам дека ја потврдив титулата на 800 метри со што ова ми е веќе втора година по ред како доминирам на оваа дисциплина. Имав уште три втори места и можам да кажам дека сите трки беа доста неизвесни, имаше разлика од некоја стотинка, пример на 400х400 загубивме за само три стотинки. Натпреварот помина добро, мислам дека придонесов за овој клуб, ја завршив мојата работа што ми беше поставена и следната година очекувам да го повториме ова, но овој пат да победиме севкупно, изјави Тимчевски.

Севкупно доминатна победа со голема разлика АК Куманово постигна над составот на Лирија и Студенти.

Вељковиќ купот го оцени како напорен по трите настапи дневно кои ги имаше во сабота и недела, каде настапи во 110 метри со пречки каде и покрај подобрувањето на државниот рекорд, поради типот на натпреварување тоа не се вреднува.

– Настапив во дисциплината 100 метри каде истрчав одлична трка, но за жал немаше електронско мерење и таа трка најверојатно би била најдобро постигнување. Потоа на крајот на денот настапивме во 4 пати по 100 метри штафета, каде што освоивме прво место и во 110 метри со пречки го освоив првото место. Вториот ден настапив во 400 метри со пречки заедно со Иван, каде јас освоив прво, а тој второ место, потоа трчав на дисциплината 200 метри каде освоив прво место со солиден резултат кој е 11 стотинки послаб од мојото најдобро постигнување и за крај настапивме во 400х400 штафета каде што за жал ја изгубивме трката за две или три стотинки, изјави Вељковиќ.

До крајот на годината за атлетичарите на Куманово остануваат уште два натпревари, а веќе во сабота се домаќини на поединечно првенство за деца до 13 години во машка и женска категорија. Настанот ќе се одржи на Атлетската патека во Соколана со почеток во 11 часот.

Leave a Reply