Ракометарките на Куманово вчеравечер на домашен терен во рамките на Женската ракометна супер лига го совладаа составот на ЖРК Пелистер од Битола со резултат 28:27.
Loading...
Кумановки мечот го започнаа прилично доминантно и самоуверено и бргу направија солидна разлика над гостинскиот состав кој на моменти одеше со четири голови во позитива, а така се замина и на полувреме со резултат 17:13.
Второто полувреме беше извонредно за составот на Куманово, а гостинките се трудеа да ја достигнат резултатската негатива во која беа од самиот почеток, но сепак бесупешно. Во вториот дел од средбата ракометарките на Куманово имаа и предност од 6 гола над битолчанки. Сепак последните три минути ЖРК Пелистер полета и ја стопи разликата на еден поен негатива. Кумановки сепак покажаа дека можат да се носат со стрес ситуации и да погодат и кога сите тоа го очекуваат од нив. Со гол во последните секунди и аплаузи од трибините ЖРК Куманово впиша прва победа во вториот дел од сезоната со резултат 28:27.
Loading...
Најдобри во составот на Куманово беа Викторија Пеовска со 7 голови и Александра Боризовска со 6 реализирани погодоци. Во составот на Пелистер најефикасна беше Габриела Величковска.
Со победата над Пелистер, но и нерешениот резултат од натпреварот Металург – Вардар Јуниор, ЖРК Куманово моментално ја зазема втората позиција во табелата.