Вечерва се одржа Основачката конференција на Клубот на жени на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, со што и официјално започнува ново поглавје во организациското и политичкото дејствување на ЗНАМ. За претседател на Клубот на жени едногласно е избрана Александра Јелиќ, како и Координативно тело составено од 18 членови.
Формирањето на Клубот на жени е дел од активностите предвидени со Акцискиот план на Движењето ЗНАМ за 2026 година и претставува јасна определба за создавање силна, организирана и активна структура, во која жените ќе имаат значајна улога во креирањето на политиките, носењето одлуки и обликувањето на политичките процеси.

Претседателот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, истакна дека формирањето на Клубот на жени е значаен чекор во јакнењето на политичката организација, но и јасна порака за местото и улогата на жените во ЗНАМ.
„Клубот на жени не го гледаме како формална организациска структура, туку како силен политички двигател, кој ќе даде нова енергија на Движењето и ќе биде глас на жените во општеството. Ги повикувам сите жени кои ги споделуваат нашите вредности да ни се приклучат. Вратите на ЗНАМ се отворени за секоја жена која има визија, став и храброст да преземе одговорност. Затоа што Македонија не може да оди напред ако половина од нејзиниот потенцијал остане неискористен.“ посочи Димитриевски.

Претседателката Александра Јелиќ, е дипломиран професор за предучилишно образование и постдипломец на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје, со повеќе од 20 години професионално искуство во воспитанието и образованието. Нејзиниот професионален пат го одбележуваат искуството во управувањето, раководењето со тимови, реализацијата на домашни и меѓународни проекти и институционалната соработка.
„Пред себе гледам жени со огромен потенцијал, кои не сакаат да бидат набљудувачи на иднината, туку нејзини креатори. Верувам дека од овој состав ќе произлезат нови лидерки, нови идеи и нова енергија. Нашата порака е јасна: не бараме простор за да бидеме слушнати, туку преземаме одговорност за да направиме промена. ЗНАМ дека можеме повеќе, ЗНАМ дека можеме заедно и ЗНАМ дека жените имаат сила да ја менуваат Македонија!“ изјави Јелиќ.

Со формирањето на Клубот на жени, Движењето ЗНАМ отвора нов простор за активно учество, поголема видливост и посилна застапеност на жените во политичкиот живот. Преку заедничко дејствување, размена на идеи и преземање конкретни иницијативи, Клубот ќе работи на афирмација на женското лидерство, охрабрување на нови генерации жени во политиката и нивно вклучување во процесите во кои се креираат политиките и се носат одлуките за иднината на државата.
Жените не се само гласот на промените. Тие се сила што ги создава, ги води и ги претвора во реалност!
Интегрално соопштение

