Европскиот парламент денеска ја усвои резолуцијата за Вуковар со мнозинство гласови.
Имено, Европскиот парламент ја усвои во целост резолуцијата за 35-годишнината од падот и уништувањето на Вуковар, по заеднички предлог на пет парламентарни групи.
Со усвоената резолуција за Вуковар, од српските власти се бара да обезбедат пристап до релевантните воени архиви, да ги објават сите информации за локациите на индивидуалните и масовните гробници, да се борат против неказнивоста за воени злосторства и да го олеснат пронаоѓањето, идентификацијата и достоинственото враќање на останките на жртвите на нивните семејства.
Резолуцијата поднесена од 17 европратеници, вклучувајќи ги сите 12 европратеници од Хрватска, ја повикува Србија „конечно, на вистински инклузивен и транспарентен начин, да го усвои долгонајавуваниот закон за исчезнати лица“.
ЕП го осудува јавното оддавање почит на Ратко Младиќ, кој беше осуден за геноцид во Сребреница, злосторства против човештвото и воени злосторства, на неговиот погреб во Белград на 7 септември.
Во резолуцијата се наведува дека таквата практика го поткопува помирувањето, ги навредува жртвите и го нарушува почитувањето на фактите утврдени од судовите.
Се додава дека сериозното справување со нерешените прашања што произлегуваат од војната – како што се целосна соработка во случаите на исчезнати лица, одговорност за воени злосторства и обештетување на жртвите – е цивилизациски императив, цврсто втемелен во основните вредности и принципи на европскиот правен поредок, кои мора да се почитуваат.
За потсетување, Европскиот парламент денес одржа дискусија и гласање за резолуцијата за Вуковар, „по повод 35 години од воените уништувања и страдања во ноември 1991 година“.
Клучните точки на резолуцијата за Вуковар, како што наведува РТС, се однесуваат на сеќавањето на жртвите, одговорноста, прашањето за исчезнатите лица, судењето на одговорните за воените злосторства, како и вклучувањето на помошта за здруженијата на семејствата и граѓанското општество во новиот европски буџет.
Текстот ги игнорира страдањата на Србите, соопшти Студентската листа.
Информацијата за усвојувањето на резолуцијата беше објавена на мрежата X од страна на хрватскиот пратеник во Европскиот парламент, Карло Реслер, кој ја откри со следниве зборови:
„Триесет и пет години по страдањето во Вуковар, со посебна резолуција им оддаваме почит на хрватските бранители, ги потсетуваме сите жртви на големосрпската агресија врз Хрватска и ја зачувуваме вистината за Татковинската војна“.

