Расчистени диви депонии, исплатени заостанати обврски: Томиќ со отчет за работата на „Чистота и зеленило“ (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Расчистување на диви депонии, одржување на јавната хигиена и зелените површини, подмирување на заостанатите обврски кон вработените и финансиско консолидирање на претпријатието се дел од активностите на Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ – Куманово во првата година од мандатот на актуелното раководство.

Директорот Сашо Томиќ на прес-конференција направи отчет за работењето во периодот од 21 ноември 2025 до 21 ноември 2026 година, посочувајќи дека претпријатието успеало да ги сервисира голем дел од наследените обврски, да ја одржи јавната хигиена и да продолжи со интервенции на проблематичните локации, но и дека и натаму се соочува со финансиски и кадровски предизвици.

Во изминатите 12 месеци, претпријатието реализирало исплати во вкупен износ од 196.575.955 денари, од кои најголем дел биле наменети за обврските кон вработените. Покрај редовната исплата на платите, биле подмирени и заостанатите обврски за регрес за годишен одмор за 2024 и 2025 година, обврски по судски тужби од вработени, како и отпремнини.

„За обврски кон вработените се исплатени вкупно 114.204.823 денари“, се наведува во финансискиот отчет, во кој се посочува дека биле исплатени и 55.648.844 денари кон добавувачите и деловните партнери, 21.939.895 денари за ДДВ и камати, како и 4.782.393 денари по основ на кредитни обврски.

 

 

– Работиме под судска рамка, под на некој начин некоја економска блокада и притисок од УЈП, се трудиме сите овие работи да ги сервисираме, сите обврски кон УЈП ги имаме измирено и платено, останува некој долг главнина од 19 милиони денари за долг од 2004, 2007 и 2009 година кое ЈП во овој момент нема од каде да ги плати тие средства“, изјави Томиќ.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Приведена кумановка на издржување затворска казна поради измама

Како еден од најголемите предизвици во работењето ја посочи зголемената цена на горивото, која значително влијае врз трошоците на претпријатието.

– Голем проблем ни претставува цената на нафта што е сериозен инпут во трошоците на јавното претпријатие, ако месечната фактура до пред 7 – 8 месеци имавме милион до 1,2 милиони денари сега таа фактура на месечно ниво е над два милиони денари што е сериозен проблем, рече директорот.

Тој нагласи дека и покрај зголемените трошоци, приоритет останува рационалното работење и подобрувањето на услугите кон граѓаните и правните субјекти.

– Се трудиме домаќински да работиме, гледам да штедиме на секој денар, приоритети остануваат подобрување на нашата услуга кон граѓаните и правните субјекти и секако нашите вработени да бидат задоволни со примањата и сите побарувања што ги имаме од претходните години и годината што доаѓа пред нас, се трудиме сите тие обврски да ги плаќаме. Не е лесно, не е едноставно, но чекор по чекор се обидуваме тоа да го сервисираме во интерес на сите нас, посочи Томиќ.

Во однос на одржувањето на јавната хигиена, директорот тврди дека градот се чисти во две до три смени, а централното градско подрачје во три смени, реагирајќи на критиките дека Куманово се соочува со сериозен проблем со отпадот.

– Секојдневно забелешки доаѓаат до мене, деновиве ме споменуваат и одредени опозициски пратеници, дека Куманово тонело во ѓубре и смет, не се согласувам со тие констатации, Куманово не тоне во ѓубре, градот го сервисираме во две-три смени, центарот е во три смени, изјави Томиќ.

Тој посочи дека во текот на денот доаѓа до полнење на одредени контејнери, но дека екипите интервенираат и ги празнат, додека проблемите се поизразени во приградските и селските средини.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Денеска и утре без струја повеќе делови од Куманово

Посебен предизвик, според него, остануваат дивите депонии кои се создаваат и по повеќекратното чистење на одредени локации.

– Не знам колку диви депонии за изминатата депонија исчистивме и посочените локации од пратеникот од опозиција, спомна Хотел „Куба“, Хотел „Кристал“, Искрин мост итн. сите тие локации во изминатата година ги чистевме неколку пати. Проблемот е што има несовесни граѓани што ние како јавно претпријатие не можеме да излеземе на крај со такви појави, рече Томиќ.

Тој додаде дека претпријатието ќе продолжи да интервенира на овие локации, но дека за спречување на повторното создавање диви депонии е потребно вклучување и на други надлежни институции.

Посебно внимание во прес-конференцијата посвети и на состојбата на депонијата „Краста“, каде, според него, во изминатите 30 дена немало проблеми со функционирањето.

– Работиме се уште со машини од приватни одговорни компании, работат секој ден на депонија, ние во изминатите 30 дена немаме проблем на депонијата, целокупниот смет што се носи на дневна основа од градот, го третираме со земја, работиме и апсолутно немаме никаков проблем, истакна Томиќ.

На депонијата, како што информираше, формирани се и мешовити еко-патроли со жители од селото Пчиња, кои ја следат состојбата, а досега немале забелешки за работата на претпријатието.

Во однос на кадровската состојба, Томиќ демантираше информации за планирани масовни административни вработувања, посочувајќи дека во изминатата година не бил примен ниту еден административен работник.

Спроведени биле три огласи преку кои биле вработени возачи, општи работници и оперативен кадар, односно работници кои се потребни за секојдневното функционирање на терен.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  УХМР со најава за облачно и студено време со врнежи од снег

Тој посочи дека претпријатието и натаму има потреба од возачи, бидејќи дел од новопримените работници заминале на подобро платени работни места.

– Можам да кажам дека во изминатиот период 10 возачи кои беа примени летово во редовен работен однос дадоа отказ, луѓето веројатно доаѓаат до поплатени работни места, и понатаму имаме проблем со возачи, рече Томиќ, упатувајќи повик до сите заинтересирани лица со Ц-категорија кои сакаат да работат во претпријатието да се обратат до раководството.

Според директорот, административниот кадар во претпријатието претставува околу 10 проценти од вкупниот број вработени, а во изминатиот период значителен број административни работници се пензионирале или заминале од работното место, без да бидат заменети со нови вработувања.

Томиќ посочи дека за наредната година очекува зголемување на средствата за одржување на јавните и зелените површини, оценувајќи дека актуелните средства се на граница на рентабилност и дека за одржување на чист и зелен град се потребни дополнителни инвестиции во претпријатието.

– Апелирам програмата за 2027 година за јавни и зелено-цветни површини да ни се зголеми бидејќи со овие пари што ги добиваме од општината сме на граница на рентабилност. Без оглед на 30% покачување на сметките, сметам дека сме во средина во Македонија, не се ни највисоки, ни најниски, но Општина Куманово е голема општина и ако сакаме да е зелена и чиста мора додатни поголеми средства да се инвестираат во јавното претпријатие.

Во претојстниот период најави и пошумување на неколку локации во градот во соработка со училиштата и невладиниот сектор од градот.

Никола Ивановски