Отсекот за превенција при СВР Куманово вчера спроведе проверка на знаењето на учениците од основните училишта во Општина Липково, преку тестирање на нивното познавање на сообраќајните правила и прописи.
Во активноста учествуваа ученици од осмо и деветто одделение од сите основни училишта во Општина Липково.

Учениците го поминаа првиот елиминациски круг, а оние кои освоија доволен број поени се пласираа во финалето, кое се одржа денеска во ООУ „Култура“ во село Матејче, училиштето домаќин на настанот.
Најдобрите ученици се пласираа во суперфиналето, каде што според освоените поени и брзината на решавање, беа избрани победниците.

Првото место го освои Хилка Мустафа од ООУ „Дитурија“ во село Липково, второто место ѝ припадна на Бафије Јуфетаи од ООУ „Антон Зеко Чајупи“ во село Отља, додека третото место го освои Елиза Емини од ООУ „Фаик Коница“ во село Слупчане.
На победниците им беа доделени ваучери, со поддршка на градоначалникот на Општина Липково, Еркан Арифи.

Началничката на Отсекот за превенција, м-р Лиле Младеновска, се заблагодари на градоначалникот за соработката и поддршката на проектите што Отсекот за превенција ги реализира на подрачјето на Општина Липково, како и на сите ментори кои учествуваа во дводневната активност и на директорот на ООУ „Култура“ во село Матејче, за гостопримството и организацијата на настанот.
Активноста беше реализирана под мотото „Безбедно во сообраќај“, со цел подигнување на свеста кај младите за правилно и безбедно учество во сообраќајот.

Настанот се реализира во соработка со Кабинетот на градоначалникот на Општина Липково.


Никола Ивановски

