Полицијата во Лондон ќе може да фотографира граѓани со мобилни телефони и да го проверува нивниот идентитет без нивна согласност, според шестмесечен пилот-проект што вклучува воведување технологија за препознавање лица, објави Лондонската полиција.
Во проектот, започнат оваа недела, учествуваат 100 полицајци од Лондонската полиција, кои ќе можат да споредуваат фотографии од лица со база на податоци од околу милион фотографии од претходно приведени лица преку посебна апликација, објавува Скај њуз.
Полицијата изјави дека технологијата ќе се користи за идентификување на осомничени за кривични дела, како и лица за кои полицајците проценуваат дека би можеле да бидат изложени на ризик.
Полициските службеници се должни да ги информираат граѓаните пред да фотографираат, но нема да мора да добијат нивна согласност за ова.
Командантот на Лондонската полиција, Ник Џон, изјави дека полицајците можат да фотографираат лице со нивниот службен телефон ако не се подготвени или не можат да го потврдат својот идентитет или постои сомневање дека не ја кажуваат вистината.
Потоа фотографијата се споредува со базата на податоци на полицијата преку апликацијата.
Во текот на првите 24 часа од проектот, беа прикачени 15 фотографии.
Џон нагласи дека полицијата нема да фотографира луѓе од далечина освен ако не постои сомневање дека се вклучени во кривични дела.
Лондонската полиција соопшти дека нема да употреби сила ако некој го покрие лицето и дека проектот нема да се однесува на лица под 18 години.
Во случај на поширока примена, сите лица под 13 години ќе бидат исклучени од системот.
По шест месеци тестирање, Скотланд Јард ќе ги оцени резултатите пред да одлучи дали да ја продолжи употребата на технологијата.
Проектот беше започнат неколку недели откако британската влада објави построги правила за употреба на препознавање лица во полициската работа, за да се осигури дека е фер, безбедно и пропорционално.
Исто така, беше објавено и формирање на надзорно тело кое ќе ја контролира употребата на нови технологии и ќе може да ја забрани нивната употреба од страна на полициските служби кои не ги почитуваат прописите.
Организациите за граѓански права предупредија на ризикот од дискриминација врз етничките малцинства.
Акико Харт, директорка на организацијата Либерти, оцени дека на полицајците им е дадена моќна алатка за следење на граѓаните, додека Хабиб Кадири, директорка на организацијата StopWatch UK, предупреди дека не се преземени доволно мерки за спречување на расни предрасуди во технологиите за препознавање лица.
Лондонската полиција изјави дека проектот ќе биде под постојан надзор, со редовни проверки на точноста, перформансите и начинот на кој се користи технологијата, со цел да се утврди дали има непропорционален третман на одредени групи на население, пренесува Танјуг.

