Товарниот брод „Миро Г“, кој плови под малтешко знаме, рано утрово се заглави на брегот на францускиот департман Ланд, во близина на градот Лит-е-Микс, поради силни ветрови и високи бранови, а дел од екипажот беше евакуиран со хеликоптер, објави Атлантската поморска префектура.
По заглавувањето, капетанот на бродот побара евакуација на морнарите од Регионалниот оперативен центар за надзор и спасување во Етел, јавува BFM TV.
Во операцијата учествуваше хеликоптер на воздухопловните сили, а спасувањето продолжи во текот на утрото.
Дел од екипажот ќе остане на бродот за да помогне во понатамошните операции во соработка со француските власти, соопшти поморската префектура.
Проблемите започнаа синоќа, кога бродот за товар, изграден во 2011 година, пријавил тешкотии при маневрирање додека пловел кон Руан.
Поради брановите и страничниот ветер, тој не можел да го одржи курсот, а обидот за итно закотвување на околу три километри од брегот не успеал поради налет на ветер со брзина до 48 јазли.
Поморскиот префект на Атлантикот го активираше третото ниво на поморскиот план ORSEC, како и француско-шпанскиот механизам за соработка „Бискајски план“.
Како дел од таа операција, шпанскиот спасувачки реморкер на отворено море отплови синоќа од Билбао до местото на интервенција, пренесува Танјуг.

