Интерпол разби 41 мрежа за шверц на мигранти, уапси повеќе од 260 лица

Сподели со своите пријатели

Повеќе од 260 лица беа уапсени, а 41 криминална мрежа за шверц на мигранти меѓу Африка и Европа беа откриени за време на четиридневна меѓународна операција во која учествуваа полициски сили од 16 земји, објави денес Интерпол.

Операцијата „Communis Maris“ (Заедничко Море), спроведена од 5 до 8 октомври, резултираше со апсење на 221 осомничени шверцери и фалсификатори, како и со покренување на 434 нови истраги, според соопштението за медиумите од организацијата со седиште во Лион, објави весникот „Фигаро“.

Во акцијата, која беше финансирана од Европската Унија, учествуваа 7.660 припадници на полицијата и други надлежни служби од 16 земји во Западна и Северна Африка, Европа и Блискиот Исток.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Човек со багер започна да урива државна зграда во Кина: Снимките од хаосот го обиколија светот, полицијата го уапси (ВИДЕО)

Тие прегледаа повеќе од 378.000 луѓе и ги следеа клучните точки на поаѓање на миграциските патишта.

За време на операцијата, беа пресретнати неколку бродови што превезуваа мигранти.

Брод со 70 лица, меѓу кои 30 малолетници, кои поминале шест дена на море, бил запрен покрај брегот на Мароко, додека дрвена пирога со 80 патници што отпловила од Сенегал била пресретната покрај брегот на Мавританија.

Проверките на аеродромите, особено на Кипар и Грција, доведоа и до апсење на мигранти кои користеле фалсификувани лични документи.

Во Франција, шест лица беа уапсени за организирање на нелегален трансфер на мигранти, перење пари добиени од тие активности и сместување на жртвите во услови што го нарушуваат човековото достоинство.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Кој е мистериозниот брат на Виктор Орбан? Трговец со оружје, поврзан со спорни визи и украинско злато!

Шефот на Дирекцијата на Интерпол за организиран криминал и нови форми на криминал, Давид Контер, предупреди дека шверцерите ја искористуваат ранливоста на мигрантите, изложувајќи ги на насилство, изнуда и трговија со луѓе, како и опасности за време на патувањето на преполни и неисправни бродови, пренесува Танјуг.