Во текот на изминатите две недели, потпретседателот на Соединетите Американски Држави, Џ.Д. Венс, беше лично вклучен во индиректни преговори со Иран со цел постигнување ново примирје и продолжување на нуклеарните преговори, изјавија два извори запознаени со разговорите, објави денес „Аксиос“.
Според изворите, Венс речиси секојдневно разговарал со катарскиот премиер шеикот Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани, началникот на Генералштабот на Пакистан, фелдмаршал Асим Мунир и други медијатори.
Во преговорите се вклучени и американскиот пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зет и советник на американскиот претседател Доналд Трамп.
Венс разговараше со катарските и пакистанските медијатори за можноста за одржување техничка средба меѓу американските и иранските претставници во наредните денови, но таа сè уште не се случила.
Засега, Трамп е подготвен да им даде шанса на дипломатските напори да утврдат дали е можен договор.
Пред две недели, Венс испрати писмо до секретарот на Врховниот совет за национална безбедност на Иран, Мохсен Резаи, во кое предложи продолжување на директните разговори.
Иранските претставници оценија дека писмото создало позитивна атмосфера за обновување на разговорите.
Извори вклучени во медијацијата наведуваат дека е постигнат напредок, но дека е бавен.
Катарскиот премиер во петокот изјави дека неговата земја соработува со американски претставници кои сакаат да ги намалат тензиите, со поддршка на, како што рече, „мудри гласови во Техеран“.
Тој додаде дека разговорите со администрацијата на Трамп продолжиле дури и по среднорочните избори, иако со помал интензитет, и оцени дека намерата на Вашингтон да најде дипломатско решение сè уште постои.
Во петокот, Трамп разговараше со катарскиот емир шеик Тамим ал-Тани за напорите на Доха да ги премости разликите меѓу САД и Иран.
Емирот на Катар ја нагласи важноста од продолжување на дијалогот и дипломатското решавање на споровите со цел да се спречи понатамошна ескалација, да се зачува слободата на поморската пловидба и безбедноста на снабдувањето со енергија.
И покрај дипломатските напори, американската војска нападна противвоздушен ракетен фрлач на иранскиот остров Кешм во Ормутскиот теснец во петокот, откако испука ракета кон американски борбен авион, потврди Трамп.

