МОН објави конкурс за 3.000 студентски стипендии

Сподели со своите пријатели

Министерството за образование и наука објавува нов Конкурс за доделување 3.000 студентски стипендии за студиската 2026/2027 година, со кој се воведува значајно унапредување на досегашниот модел на студентско стипендирање.

Новиот модел носи поинаков пристап во распределбата на државната поддршка – пристап кој истовремено ја препознава социјалната ранливост, го вреднува академскиот успех и го поттикнува образованието на кадри во области од стратешко значење за државата.

Во рамки на категоријата на 1200 стипендии за социјална поддршка, за првпат се воведуваат посебни стипендии за студенти со попреченост и студенти со ретки болести, со по 50 стипендии за секоја од овие категории. Со ова, Министерството прави значаен чекор кон поинклузивно образование и создавање еднакви можности за студентите, препознавајќи ги нивните специфични потреби и поддржувајќи го нивното право на образование и академски развој.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Максим Димитриевски: Нема пазарење со македонскиот јазик, нема отстапки кон Бугарија без реципроцитет!

Истовремено, се воведува нова категорија од 1.050 стратешки стипендии, наменети за студенти кои се образуваат во области од особено значење за идниот развој на државата. Изборот на студиските програми е утврден со Одлука бр. 1410-183 од 3 ноември 2026 година на Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност, со која се определени студиските програми од стратешки интерес за државата. Станува збор за студиските програми по математика, физика, хемија, земјоделство, шумарство, наставна биологија и рударство. Целта е да се поттикнат младите да се определуваат за овие области и да се создаваат стручни кадри кои ќе одговорат на потребите на општеството и економијата.

Дополнително, се воведуваат и 750 стипендии за студенти кои постигнуваат висок академски успех, односно имаат просечен успех од најмалку 8,50 и континуирано ги исполнуваат академските обврски. На овој начин, Министерството дополнително го вреднува знаењето, посветеноста и трудот на студентите кои постигнуваат особени резултати во текот на студирањето.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Минчев: Европската комисија го нотира напредокот, градиме администрација во која знаењето се претвора во резултати!

Важна одлика на новиот модел е тоа што, и покрај воведувањето нови категории и поинаква распределба на средствата, вкупниот број стипендии останува непроменет – 3.000. Промената не е во намалување на поддршката, туку во нејзино подобро насочување и пошироко препознавање на потребите и потенцијалите на студентите.

За стратешките стипендии месечниот износ е 18.000 денари, додека за социјалните стипендии и стипендиите за висок академски успех изнесува 6.050 денари. Стипендиите се исплаќаат во текот на девет месеци од студиската година.

Пријавувањето е исклучиво електронско, преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk, во периодот од 6 до 20 ноември 2026 година.

Со овој конкурс, Министерството за образование и наука поставува основа за посовремен и понасочен систем на студентско стипендирање – систем што дава поддршка на оние на кои им е најпотребна, ги препознава и наградува академските достигнувања и инвестира во знаењата и компетенциите што ќе бидат важни за иднината на државата.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Можно е викендов привремено да не можете да плаќате преку банка, се менуваат системите

Министерството за образование и наука известува дека во тек е и пријавувањето по Конкурсот за доделување 15 стипендии за студенти кои се запишани во прва година на студиски програми по македонски јазик за студиската 2026/2027 година, распишан согласно Законот за употребата на македонскиот јазик. Повеќе информации за овој конкурс на следниот линк:  https://mon.gov.mk/mk-MK/konkursi-i-stipendii/stipendii-mon/stipendii-za-studii-po-makedonski-jazik-prv-ciklus, како и по Конкурсот за поврат на средства за купен музички инструмент за учебната/академската 2026/2027 година.

Затоа што секој студент заслужува можност да напредува, а државата има одговорност да ги препознае и поддржи знаењето, потенцијалот и талентот.

Интегрално соопштение: Министерство за образование и наука