Граѓаните и компаниите треба да бидат подготвени за можни привремени прекини во користењето на банкарските услуги во текот на претстојниот викенд.
Сите банки во државата ќе вршат планирани технички прилагодувања на своите системи поради воведувањето на новите стандарди во денарскиот платен промет.
Како што информираат од Македонската банкарска асоцијација, активностите се дел од подготовките за примена на новите правила, кои стапуваат во сила од понеделник, 9 ноември 2026 година.
За време на техничките зафати можно е привремено да бидат недостапни или со ограничена функционалност одредени банкарски услуги, особено оние поврзани со платежните трансакции.
Конкретните термини, услугите што ќе бидат опфатени и времетраењето на евентуалните прекини ќе бидат објавени поединечно од секоја банка.
Новите стандарди предвидуваат промени кај платните налози, шифрите за целта на плаќањето, како и начинот на прикажување и користење на платежните сметки во ИБАН-формат.
Од Македонската банкарска асоцијација ги повикуваат граѓаните и компаниите навреме да ги планираат плаќањата што треба да ги извршат во текот на викендот и редовно да ги следат известувањата на своите банки.
Притоа, особено важно е што постојните броеви на платежните сметки нема да се менуваат.
Приспособувањето на нивниот приказ и користењето во ИБАН-формат во електронското и мобилното банкарство ќе го извршат самите банки.
Воведувањето на новите стандарди е дел од процесот на модернизација на националниот платен промет.
Никола Ивановски

