Криминалната група во Куманово дејствувала повеќе од пет години, приведени пет лица

Сподели со своите пријатели

Пет лица се опфатени со полициската акција во Куманово, во рамки на истрагата за организирана криминална група која, според досега обезбедените докази, дејствувала од 2021 година до денес.

Групата се занимавала со давање пари на заем, а потоа вршела изнуда.

Ова го соопшти директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, кој информираше дека во раните утрински часови припадници на Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал, во содејство со специјалните полициски единици, извршиле претреси на повеќе локации во Куманово.

– При претресите се најдени поголема количина пари, како и документација која упатува дека лицата се занимавале со давање пари на позајмици и вршење изнуда врз основа на таа документација, изјави Јанев.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  31-годишна кумановка пријавена за исчезната

Тој посочи дека истрагата продолжува, а во тек се и проверки во нотарска канцеларија во Куманово.

Паралелно, известена е и Народната банка, чии претставници вршат ревизија и контрола во менувачница поврзана со брат на едно од осомничените лица.

Целта е да се проверат наводите дека дел од пронајдените парични средства потекнуваат од работењето на менувачницата.

По насоки на надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, предвидено е да бидат одземени дел од возилата, телефонските апарати, документацијата и другите предмети кои можат да бидат од интерес за истрагата.

Јанев нагласи дека станува збор за организирана криминална група чии активности биле документирани во период од повеќе од пет години.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Училишна улична трка во Куманово по повод Денот на градот – 11 Ноември

– Обезбедивме документација дека нивните активности се вршеле од 2021 година до денес. Значи, харале на територијата на Куманово повеќе од пет години“, истакна директорот на БЈБ.

Тој додаде дека полициските служби постапуваат по секоја добиена информација, без селективност и толеранција кон сторителите, при што приоритет е обезбедување материјални докази и преземање соодветни оперативни мерки.

За петте лица во текот на денот се очекува да биде поднесена соодветна кривична пријава до надлежното обвинителство.

Никола Ивановски