Четворица поединци и три правни лица се добитници на Ноемвриската награда на Општина Куманово за 2026 година.
Комисијата за одбележување на празници и манифестации и доделување на награди и признанија ја донесе одлуката на седницата одржана на 4 ноември, по разгледувањето на пристигнатите кандидатури.
Годинава биле поднесени вкупно 23 пријави, од кои 16 за поединци и седум за правни лица.
По разгледувањето на предлозите, Комисијата избрала четворица поединци и три правни лица кои со својата работа и ангажман придонеле за развојот и афирмацијата на Куманово.
Добитници на Ноемвриската награда во категоријата поединци се:
– Шенаси Јусуфи, лекар специјалист по педијатрија и неонатологија, основач и сопственик на ПЗУ „Алфа Медикус“, за долгогодишната работа и особен ангажман во здравството, како и неговиот научен и хуманитарен придонес.
– Бошко Тасиќ, спортски новинар, за долгогодишниот професионален ангажман и придонес во развојот, афирмацијата и медиумската промоција на спортот во Куманово и пошироко.
– Марина Цветановска – Мартиновска, ликовен уметник и педагог, за долгогодишниот творечки и професионален придонес во развојот и афирмацијата на ликовната уметност, како и промоцијата на градот на меѓународната уметничка сцена.
– Стојанка Стојковиќ, претприемач во пензија, за долгогодишниот ангажман и заложбите за развој на компанијата „Екстра Меин“, придонесувајќи за јакнење на локалната економија и претприемништвото.
Ноемвриската награда во категоријата правни лица им се доделува на:
– Културно-уметничкото друштво „Панче Пешев“ – Куманово, кое годинава одбележува 100 години постоење и работа, за значајниот придонес во културниот живот на градот и афирмацијата на македонскиот фолклор и традиција.
– Друштвото за градежништво и услуги „Урбанинг“ ДОО Куманово, за донацијата на проектната документација за изградба на новиот современ објект на СОУ „Сами Фрашери“, со што придонесе за создавање поквалитетни услови за образование.
– Спортскиот кик бокс клуб „Предатор“ – Куманово, за афирмацијата на градот и државата преку учеството на државни, европски и светски првенства, на кои неговите натпреварувачи освоиле високи медали.
„Имавме 23 поднесени пријави, од кои 16 се поединечни, а седум се од правни лица. Од сите тие ние одбравме седум, четири поединци и три правни лица. Покрај мене, имаше уште четворица членови во самата комисија. Нашите мислења не беа исти, гласавме за секој поединец кој беше предложен, а на крај беа изгласани добитниците. Учесниците кои веќе биле добитници на овие награди ги изгласавме едногласно или со консензус“, изјави Самет Салиевски, претседател на Комисијата за награди.
Паричниот фонд за годинешната Ноемвриска награда изнесува 100.000 денари и ќе го поделат четворицата наградени поединци, додека правните лица ќе добијат дипломи, односно признанија.
Ноемвриската награда е едно од најзначајните општински признанија во Куманово, кое традиционално се доделува по повод одбележувањето на 11 Ноември – Денот на ослободувањето на градот.
Со неа се оддава признание на поединци и организации за нивниот особен придонес во различни области од општествениот живот.
Никола Ивановски

