Ротари клуб Куманово донираше инвалидски колички за Домот за стари лица и болницата (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Ротари клуб Куманово донираше 15 нови алуминиумски инвалидски колички за потребите на корисниците на Домот за стари лица „Зафир Сајто“, со цел да се подобри нивната мобилност и квалитетот на живот.

Донацијата е обезбедена преку соработката со Ротари клубот Лублин Центрум од Полска, а дополнителна опрема е наменета и за Општата болница Куманово.

 

 

Директорот на Домот за стари лица „Зафир Сајто“, Александар Крстевски, истакна дека количките ќе овозможат подобри услови за корисниците, особено за оние кои имаат ограничена подвижност.

– Оваа донација можеби финансиски не е толку голема, колку е од потреба на нашите корисници со кои ќе ги зголемиме капацитетите на нашата институција, така да благодарност за сите ротаријанци од Куманово што се одважија и што помогнаа, ова е една од првите донации се надеваме дека следната година ќе имаме повеќе, рече Крстевски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Без струја денеска три кумановски села

 

 

Претседателот на Ротари клуб Куманово, Оливер Темелковски, објасни дека донацијата е реализирана во рамките на меѓународната соработка меѓу ротари клубовите од Македонија, Полска и Словенија.

– Во рамките на Сојузот на ротари клубови на Македонија е формиран интер кантри комитет во којшто членуваат земји Македонија, Полска и Словенија. Во рамки на тој интеркантри комитет ротари клуб Лублен од Полска има донирано на Ротари клуб Куманово 20 алуминиумски нови колички произведени во Полска од типот вермерин д-200, изјави Темелковски.

 

 

Од вкупно 20 донирани колички, 15 се наменети за Домот за стари лица „Зафир Сајто“, додека пет ќе бидат донирани на Општата болница Куманово.

Опремата за болницата треба да им помогне на пациентите со ограничена подвижност полесно да се движат меѓу одделенијата и во самите одделенија.

– Во рамките на Ротари ние се грижиме за заедницата и особен интерес даваме на грижата за стари и немоќни лица. Од наши сознанија околу 40-тина штитеници на домот за стари лица „Зафир Сајто“ се неподвижни така да се надеваме дека оваа донација ќе придонесе да и квалитетот и на нивниот живот и на луѓето коишто не се мобилни се зголеми односно се подобри, рече Темелковски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Утре посебен сообраќаен режим во центарот на Куманово

 

 

Членот на Ротари клуб Куманово, Тони Лоренски, упати благодарност до партнерите од Полска за нивната поддршка во реализацијата на хуманитарниот проект.

– Навистина сакам да се заблагодарам од се срце на нашите пријатели од Ротари клуб Лублин Центрум, за нивната несебична помош во овој проект, оваа донација. Само да кажам дека иницијалното потпишување на овој трилатерален договор меѓу Македонија, Словенија и Полска се одржа во мај годинава, изјави Лоренски.

Тој додаде дека иницијативата за соработка била реализирана во рамките на трилатералниот договор меѓу трите земји, со цел заеднички да се поддржуваат хуманитарни проекти.

 

 

Темелковски потсети дека Ротари клуб Куманово постои 16 години и досега реализирал околу 40 проекти за поддршка на локалната заедница и на ранливите категории граѓани.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Поскапува автобускиот превоз во Куманово, учениците и студентите ќе се возат со попуст (ВИДЕО)

– Во рамките на Ротари клуб Куманово досега се реализирани околу 40-тина проекти за донации во локалната заедница за подобрување на животот на локалното население и на ранливите групи во локалното население, поддршка на економскиот развој, поддршка на мајки деца, поддршка на проекти во рамките на екологијата, поддршка на деца со особени физички и психички потреби, рече Темелковски.

Меѓу реализираните активности тој ги посочи донацијата на паркот за деца со посебни потреби и играчницата на кејот во Куманово, како и поддршката за Општата болница Куманово преку програмата „Подобра шанса за иднината“.

Од клубот најавуваат продолжување на активностите насочени кон унапредување на здравјето и благосостојбата на граѓаните, со посебен акцент на најранливите групи во заедницата.

Никола Ивановски