Секој трет Европеец поддржува авторитарна или популистичка партија

Сподели со своите пријатели

Речиси еден од тројца гласачи во Европа поддржува партија која е авторитарна или популистичка, според ново истражување спроведено во 31 европска земја.

Индексот на авторитарен популизам, објавен од два европски тинк-тенкови, EPICenter и Timbro, покажува дека најголем раст на поддршката во последните години е забележан во Германија, Бугарија и Норвешка, додека во Унгарија поддршката значително се намали по априлските избори на кои премиерот Виктор Орбан претрпе пораз, објавува EUObserver.

Овие организации ги анализирале резултатите од парламентарните избори за 260 партии во 31 земја од 1946 година, односно од одржувањето на првите слободни избори.

Во Бугарија, Чешка, Романија, Италија и Словачка, популистичките партии имаат поддршка од повеќе од половина од електоратот, а во 26 од 31 анкетирани земји, тие освоиле повеќе од 20 проценти од гласовите.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Масовни немири во Шпанија: Демонстрантите палеа автомобили и ја напаѓаа полицијата (ВИДЕО)

Малта е исклучок, бидејќи нема такви опозициски партии во парламентот.

Земјите со најмала поддршка се, по Малта, Хрватска (10,5 проценти), Луксембург, Велика Британија и Естонија.

Унгарија е на седмо место со 44,3 проценти поддршка за популистичките партии, а Словенија е на 11-то место со 41,3 проценти.

Во текот на 1950-тите и 1960-тите, околу 10 проценти од Европејците гласале за авторитарни или популистички лидери. Од 2000 година, тој број почнал да се зголемува, достигнувајќи близу 30 проценти во 2019 година.

Оваа година, тие партии имаат поддршка од 32,6 проценти од гласачите.

Денес, партиите надвор од политичкиот мејнстрим имаат свои претставници во 11 од 31 европски влади.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  ОПАСЕН ТРЕНД: Момчиња се удираат со чекани за да изгледаат помажествено (ВИДЕО)

Поддршката најмногу се зголеми во Германија, каде што Алтернатива за Германија (AfD) освои повеќе од 20 проценти од гласовите на последните парламентарни избори, додека партиите на радикалната левица освоија вкупно 13,8 проценти.

Координаторката за истражување на EPICenter, Емели Франсен, изјави за EUObserver дека големата поддршка за популистите е последица на тоа што мејнстрим партиите не се во можност „соодветно да одговорат на предизвиците на нашето време“.

Успехот на популистите е „резултат на недостаток на доверба во елитите“, рече економскиот аналитичар Матеуш Михник од тој тинк-тенк, додавајќи дека популистите се поефикасни во комуникацијата од мејнстрим партиите, особено во кризни ситуации, како што се пандемијата на Ковид, бранот на миграција во 2015 година или рускиот напад врз Украина во 2022 година.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  ЕЦБ: Банките во еврозоната дополнително ги заострија кредитните услови, побарувачката за кредити се намали

„Популистите можат да ги „заразат“ другите политички партии со популизам“, рече Михник, што според него го објаснува порастот на антиимигрантските политики низ целиот континент.

Во овој индекс, кој првпат беше објавен во 2016 година, популистичките партии се дефинирани како групи каде што претставувањето на луѓето над елитите е „централен организациски принцип на нивниот политички поглед на светот“.

И покрај оваа заедничка карактеристика, нивниот профил е далеку од униформен, според авторот на извештајот Андреас Јохансон Хајне, директор на организацијата Тимбро.

„Повеќето од нив се културно конзервативни, додека економски се речиси подеднакво поделени помеѓу левицата и десницата. Популистичките партии вклучени во истражувањето се претежно евроскептични, но само малцинство го поддржува напуштањето на ЕУ“, рече Хајне.