Најмладиот милионер во Македонија има 4 години, највисоката плата лани била 2,2 милиони евра годишно

Сподели со своите пријатели

Четиригодишно дете кое остварило приход од дивиденда е најмладиот примател на годишен доход над еден милион денари во Македонија во 2025 година, додека највозрасниот граѓанин со милионски приходи има 97 години.

Во исто време, највисоката исплатена бруто-плата достигнала речиси 190.000 евра месечно, покажуваат податоците на Управата за јавни приходи (УЈП).

Според анализата на УЈП, најстариот граѓанин со годишен доход над еден милион денари приходите ги остварил од пензија и од други извори.

Од Управата појаснуваат дека станува збор за годишни приходи, а не за вкупната вредност на имотот што го поседуваат овие лица.

Највисоката плата надминала 2,2 милиони евра годишно

Најголемата бруто-плата исплатена во текот на минатата година изнесувала 139,1 милион денари, односно повеќе од 2,2 милиони евра на годишно ниво.

Според податоците на УЈП, највисоката месечна плата била исплатена во секторот за вадење јаглен и камен.

Во првите пет позиции на листата на највисоки годишни плати се наоѓаат примања што надминуваат два милиони евра во бруто-износ, а сите се исплатени во Скопје.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  По продолжениот викенд, се менува часовникот

Меѓу секторите во кои се исплаќале највисоките плати се аптекарската дејност, трговијата со тутун, храна и пијалаци, болничката дејност и трговијата со фармацевтски производи.

Покрај платите, значителни суми се остваруваат и преку други извори на доход.

Највисокиот дополнителен приход, надвор од плата, го пријавил жител на Скопје, кој во текот на 2025 година остварил нешто помалку од два милиони евра бруто.

Милионски приходи од дивиденди

Високи приходи се евидентирани и кај граѓаните кои добиваат дивиденди. Највисокиот поединечен приход од овој вид достигнал 252,6 милиони денари, односно повеќе од четири милиони евра.

Меѓу граѓаните со највисоки вкупни годишни приходи се издвојуваат жител на Гевгелија, со вкупно 257,5 милиони денари, и жител на Охрид, кој остварил 254,4 милиони денари. Во првиот случај, доходот бил остварен преку плата, дивиденда и други приходи.

Податоците покажуваат дека високите примања не доаѓаат исклучиво од работен однос. Дивидендите, приходите од самостојна дејност, закупнините и капиталните добивки исто така можат да претставуваат значителен извор на личен доход.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Протести на камионџиите во Италија: Полиците во продавниците се празнат

Над 863 илјади даночни пријави во 2025 година

УЈП за минатата година изготвила 863.100 претпополнети годишни даночни пријави, што е за 82.702 повеќе во споредба со 2024 година, односно зголемување од околу 10,6 проценти.

Вкупниот утврден бруто-доход достигнал 612,9 милијарди денари, додека пресметаниот данок на личен доход изнесувал околу 39,8 милијарди денари. Во однос на претходната година, бруто-приходите се зголемиле за 74,1 милијарда денари, а утврдениот данок за 4,9 милијарди денари.

Најголемиот дел од вкупниот доход, приближно две третини, потекнува од плати. Пензиите учествуваат со 9,5 проценти, а другите лични примања од работа со 8,2 проценти. Приходите од земјоделски производи, дивиденди и друг капитал учествуваат со нешто помалку од пет проценти.

Плата во текот на 2025 година оствариле околу 596 илјади граѓани, додека дивиденди биле исплатени на приближно 33 илјади лица. Околу 49 илјади граѓани оствариле приходи од продажба на сопствени земјоделски производи, а 114 илјади биле добитници од игри на среќа.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Протести на камионџиите во Италија: Полиците во продавниците се празнат

Скопје со најголем удел во вкупниот доход

Регионалната анализа покажува дека Скопје има најголемо учество во пријавениот доход. Во главниот град се регистрирани 36 проценти од вкупниот број даночни пријави, но оттаму потекнуваат 43 проценти од вкупниот бруто-доход.

Просечниот годишен доход по даночна пријава во Скопје изнесувал 846 илјади денари, што е највисок просек меѓу регионите. По бројот на даночни пријави следуваат Штип, Прилеп, Битола, Тетово и Струмица.

Интересен е и податокот дека во 2025 година, 31 граѓанин остварил годишен доход повисок од 100 милиони денари, со вкупна вредност од 4,973 милијарди денари. Една година претходно, во оваа доходовна група имало 42 лица, со вкупен приход од 6,753 милијарди денари.

Според УЈП, овие податоци овозможуваат подобар увид во структурата на приходите на граѓаните, изворите од кои тие се остваруваат и распределбата на доходот во државата. Анализите се користат и за следење на даночните текови, процена на ризиците и подобрување на контролата врз правилното пријавување на приходите.