Русија уапси германски државјанин под обвинение дека е украински „платеник“

Сподели со своите пријатели

Руската безбедносна служба ФСБ уапси германски државјанин обвинет дека е „платеник“ кој се борел за Украина, објавија руските медиуми во среда.

– Федералната служба за безбедност на Руската Федерација уапси германски државјанин кој е активен член на вооружените сили на Украина – се наведува во соопштението што го пренесуваат новинските агенции.

Според ФСБ, човекот – кој претходно се борел во Авганистан и Сирија – пристигнал во Украина во ноември минатата година и потпишал тригодишен договор со украинската армија, но потоа дезертирал бидејќи не ја добил ветената плата.

Тој германски државјанин, роден во 1976 година и опишан како „снајперист“, наводно служел во Украина претходно, во периодот од 2016 до 2018 година.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Песков: На Русија ѝ е потребен мир во Украина, а не примирје

Русија, која започна тотална офанзива против Украина во февруари 2022 година, често известува за апсења на лица осомничени за соработка со Киев.

Апсењето се случи една недела откако Русија објави дека уапсила шведски државјанин, исто така обвинет дека се борел на страната на Украина.

Во текот на изминатите четири години, руските судови осудија стотици лица обвинети за „велепредавство“, „саботажа“ или „шпионажа“ на долги затворски казни.

Неколку странски државјани беа осудени и затворени, меѓу другото, за наводна „платеничка активност“ во корист на Украина, објавува АФП.