Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес изјави дека Европската Унија нема да ги укине санкциите против Русија и дека е потребно да се зголеми притисокот врз Русија.
„Едно е апсолутно јасно, нема да ги укинеме никакви санкции против Русија сè додека не ја заврши војната“, изјави Фон дер Лајен по пристигнувањето на состанокот на Европскиот совет, каде што пристигна заедно со претседателот на Советот, Антонио Коста, и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Фон дер Лајен изјави дека „секако Унијата го поддржува енергетското примирје“, кое го прогласи американскиот претседател Доналд Трамп, но, како што додаде, видела дека Русија не го почитува „ниту за минута“, туку дека ги зголемила своите напади и дека затоа притисокот врз Москва треба да се зголеми.
И претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, изјави дека е време да се зголеми поддршката на Унијата за Украина.
„Сега не е време да се повлече поддршката за Украина. Сега не е време да се ублажат санкциите врз Русија. Сега е време да ја зголемиме нашата поддршка, да го зголемиме нашиот притисок“, рече Кошта.
Фон дер Лајен изјави дека денес Европскиот совет ќе разговара за напредокот на Украина на патот кон ЕУ, обезбедувањето помош во текот на претстојната зима, посочувајќи дека Русија прави сè за да ја уништи енергетската и водоводната инфраструктура на Украина.
Таа рече дека ќе разговараат и за финансиските потреби на Украина за оваа и следната година.p

