Започнува обновата на водоводната мрежа на „Моша Пијаде“

Сподели со своите пријатели

Продолжуваат градежните активности на улицата „Моша Пијаде“ во Куманово, а во текот на оваа недела ќе започнат и работи на реконструкција на водоводната мрежа на потегот од улицата „Иво Лола Рибар“ до улицата „Пиринска Македонија“.

Од Општина Куманово информираат дека активностите ќе опфатат приклучување на станбените објекти на новата водоводна мрежа во овој дел од градот.

– Граѓаните на Општина Куманово се известуваат за претстојните градежни активности, кои ќе започнат во тек на оваа недела на потег од ул.“Иво Лола Рибар” до ул.“Пиринска Македонија”. Реконструкцијата на водоводната мрежа ќе опфати приклучување на станбените објекти во посочениот регион, стои во соопштението на Општина Куманово.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Можни прекини и намален притисок на вода во Куманово поради дефект

Поради изведувањето на работите, од Општината ги известуваат граѓаните да не ги узурпираат, односно да не ги попречуваат тротоарите на потегот од улицата „Моша Пијаде“, каде што во моментов се реализираат проектните активности.

Реконструкцијата на „Моша Пијаде“ се одвива во повеќе фази и претставува еден од поголемите инфраструктурни зафати во Куманово.

Покрај обновата на самата сообраќајница, проектот опфаќа изградба и реконструкција на подземната инфраструктура, меѓу која атмосферска и фекална канализација, како и поставување подземна оптичка инфраструктура за кабелските оператори и нова електроинсталација.

Градоначалникот Максим Димитриевски претходно најави дека целосната реконструкција на улицата се очекува да биде завршена до октомври.

Во рамки на досегашните работи беше отстранета постојната асфалтна конструкција, извршена е замена на канализациската мрежа на дел од трасата, а започна и поставувањето на рабници за тротоарите.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Можни прекини и намален притисок на вода во Куманово поради дефект

Од Општина Куманово апелираат до граѓаните да имаат разбирање за времените ограничувања и да не го попречуваат просторот каде што се изведуваат градежните работи, со цел активностите да се одвиваат непречено и безбедно.

Проектот за реконструкција на улицата „Моша Пијаде“ и изградбата на атмосферската канализација се реализира со средства обезбедени преку Светската банка и Министерството за транспорт.

Никола Ивановски