Можни прекини и намален притисок на вода во Куманово поради дефект

Сподели со своите пријатели

Жителите на Куманово во наредниот период може да се соочат со намален притисок во водоводната мрежа и краткотрајни прекини во снабдувањето со вода, особено во повисоките делови на градот.

Од ЈП „Водовод“ – Куманово информираат дека добиле известување од АД „Водостопанство на РСМ“ – Подружница „Кумановско Липковско Поле“,за дефект на четвртата грана од системот за наводнување, поради што ќе биде исклучен доводниот вод „бај-пас“, а истовремено нема да може да се користи ниту стариот доводен вод.

– Ве известуваме поради дефект директно на четврта грана во тунел под магистрален пат и затоа сме приморани да го затвориме бај-пас четврта грана се до санирање на дефектот. Во наредниот период непречено може да користите вода од прва фаза и втора фаза. Стар вод (Индустриски вод) исто така не може да се користи бидејќи има дефект во село Слупчане до семејна куќа која се поплавува. По санирање на дефектот ќе биде пуштена четврта грана бај-пас со која ќе доставиме вода за водоснабдување до ЈП Водовод, стои во дописот на „Кумановкско-липковско поле“

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Приведен 43-годишен кумановец. Физички ја нападнал сопругата

Како што потенцираат од „Водовод“, поради сето ова, значително ќе се намали количината на сирова вода што пристигнува до филтер-станицата.

Оттаму велат дека ќе ги стават во функција сите сопствени ресурси со цел да се обезбеди нормално снабдување на населението со вода за пиење.

Сепак, поради намаленото количество вода, можни се краткотрајни прекини во водоснабдувањето во повисоките делови на градот, додека во пониските делови може да има намален притисок во водоводната мрежа.

Од претпријатието посочуваат дека водоснабдувањето ќе се нормализира по санацијата на дефектите на доводните водоводни водови.

Никола Ивановски