Воздушниот сообраќај над Европа во текот на јули и август достигна рекордни нивоа, и покрај прекините предизвикани од конфликтите на Блискиот Исток, објавува Euronews.
Според податоците на Eurocontrol, ова лето низ цела Европа се реализирани просечно 35.959 летови дневно, што претставува зголемување од 2,4 проценти во споредба со 2025 година. Најголемиот дневен број е забележан на 10 јули, кога се реализирани дури 37.640 летови.
Зголемениот обем на воздушен сообраќај не доведе до влошување на целокупната точност на летовите.
Околу 72,6 проценти од авионите пристигнаа на нивната дестинација на време, што е за 1,2 процентни поени подобро од минатата година.
Сепак, Франција продолжи да биде лидер по бројот на доцнења поврзани со управувањето со воздушниот сообраќај. Околу 32 проценти од сите такви доцнења се однесуваа на таа земја.
Eurocontrol наведува дека војната меѓу САД и Иран имала значително влијание врз туристичките движења оваа година.
Поради нестабилноста на Блискиот Исток, некои европски граѓани одлучија да го поминат летниот одмор во Европа, што придонесе за зголемување на бројот на летови до одредени дестинации.
Додека воздушниот сообраќај се намали во Бугарија, Унгарија и Турција, значителен раст е забележан во Албанија, Хрватска, Кипар, Грција, Црна Гора, Македонија, Србија и Словенија.
Дури 14 европски земји постигнаа најголем дневен број летови во нивната историја ова лето. На листата се Албанија, Ерменија, Грузија, Грција, Ирска, Италија, Молдавија, Северна Македонија, Црна Гора, Португалија, Србија, Словачка, Шпанија и Турција.
Особено голем притисок беше забележан во Грција, каде што рекорден број патници на аеродромите го доведоа системот за контрола на воздушниот сообраќај речиси до границата на расположливите капацитети.

