8-дневен притвор за кумановецот кој му се заканувал на премиерот Мицкоски (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Осумдневен притвор му бил одреден на кумановецот кој преки социјалните мрежи му упатувал закани на премиерот Христијан Мицкоски.

– Отсекот за компјутерски криминал при СВР Куманово во содејство со Секторот за компјутерски криминал и Одделот за криминалистичка полиција при БЈБ поднесе кривична пријава по брза постапка против А.Д. од с.Черкези, кумановско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“ по член 144 став 5 од Кривичниот законик, информираше портпаролот на Секторот за внатрешни работи Куманово, Ивана Младеновска.

 

 

Како што појасни таа, на 11.09.2026 на објава на профил на социјална мрежа на Претседателот на Владата на РСМ, пријавениот напишал коментар со заканувачка содржина.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Неделна прогноза за Куманово: Сончево и релативно топло

– Од судија на претходна постапка на пријавениот му е определена мерка притвор во траење од осум дена, додаде Младеновска.

Утринава Основното јавно обвинителство информираше дека е побаран притвор за лицето, оти и во минатото имало проблематично однесување.

– Ценејќи ги околностите на извршување на делото, ризикот од бегство, а особено фактот дека осомничениот се јавува како извршител на други кривични дела од областа на насилниот криминал – насилство, лихварство и поголем број на прекршоци за нарушување на јавниот ред и мир, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор, велат од ОЈО Куманово.

Оттаму додадоа дека согласно обезбедените докази во однос на претходното поведение на осомничениот, „станува збор за конфликтна личност која влегува во постојани расправии, закани и физички пресметки со пријавители, па се оценува дека постои реален ризик ваквите агресивни испади да прераснат во потешки кривични дела со животозагрозувачки последици со кои се заканува“.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  УХМР најавува пороен дожд, грмежи и засилен ветер

Самиот премиер денеска од Табановце порача дека очекува институциите да постапат во рамки на своите надлежности.

– Вчера дознав за тие закани кои се напишани на социјалните медиуми од ова лице, дека сум бил свиња и дека ќе ме колел на плоштад, а упатил и пцовки кон мене и моето семејство, изјави Мицкоски.

Премиерот додаде дека очекува случајот понатаму да го процесуира правосудниот систем.

Никола Ивановски