Куманово домаќин на Суперкупот во кошарка и Купот на Македонија во 2027 и 2028 година (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Куманово ќе биде домаќин на Суперкупот на Македонија во машка и женска сениорска конкуренција, кој е предвидено да се одржи на 26 или 27 септември годинава, а градот ќе ги организира и завршните натпревари од Купот на Македонија во 2027 и 2028 година.

Ова е договорено со Меморандумот за соработка кој денеска го потпишаа Општина Куманово и Кошаркарската федерација на Македонија.

 

 

Градоначалникот Максим Димитриевски истакна дека за градот претставува чест што е избран за домаќин на значајни кошаркарски натпревари.

– Чест ми е што го избраа Куманово да биде домаќин на Купот на Македонија во кошарка и се надевам дека ова ќе даде можност и за кумановската публика којашто е голем љубител на спортот пред сè кошарката, а и на сите останати потенцијални гости од Македонија да дојдат и да уживаат, рече Димитриевски.

 

 

Градоначалникот по средбата со МКК Куманово, кои ќе ја имаат улогата на домаќин, посочи дека средбата со раководството и стручниот штаб била можност да се разговара и за амбициите на клубот во новата сезона.

Според него, екипата годинава е значително подмладена, но очекува подобар резултат.

– Имаме доста подмладена екипа оваа година, влегуваме со сериозни амбиции. Секако Општина Куманово ја помага и кошарката и останатите спортови во градот и ќе продолжиме да го помагаме овој спорт бидејќи кумановчани тоа го сакаат, истакна Димитриевски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  УХМР со најава за врнежи, ветер и заладување

 

 

Претседателот на Кошаркарската федерација на Македонија, Томе Главчев, пак, истакна дека неговото повторно доаѓање во Куманово е резултат на успешната соработка со локалната самоуправа во изминатиот период.

Тој потсети дека во Куманово веќе биле организирани повеќе спортски настани, меѓу кои и натпревар со репрезентацијата на Романија, како и куп-натпреварување.

– Имавме организација на настан со репрезентацијата на Романија, потоа имавме организација на Куп натпреварување коешто би сакал да потенцирам дека беше навистина феноменално организирано од секој еден аспект, рече Главчев.

 

 

Според него, спортската сала ги исполнува потребните услови и претставува квалитетно реновиран објект, а договореното со локалната самоуправа досега не останало само на зборови, туку било и реализирано.

Главчев посебно ја истакна кумановската публика, која, како што рече, е еден од најважните фактори за организација на големи кошаркарски натпревари.

– Она што мене мислам дека е најважно е фактот дека во овој град покрај тоа што има потреба од сала, од паркет и од кошеви, има и трибини на коишто навивачите тешко се добиваат со инвестиции. Тоа се луѓе коишто ја почитуваат, ја сакаат, ја знаат и ја бодрат кошарката, не само кумановската кошарка него и кошарката на нашата земја, истакна претседателот на КФМ.

 

 

Токму поради досегашната соработка и потенцијалот на Куманово, КФМ предложила потпишување на меморандум со кој партнерството ќе биде дополнително формализирано и проширено.

– Затоа ние како федерација изразивме намера за надоградување на таа соработка помеѓу нас како федерација и Општина Куманово, предложивме потпишување на таков еден меморандум кој што беше прифатен, рече Главчев.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Делови од Куманово и околните села утре без струја

Тој изрази очекување соработката да продолжи и во следните години, а доколку условите и потенцијалите го дозволуваат тоа, Куманово да продолжи да биде домаќин на Куп натпреварите и во наредниот период.

– Се надевам дека оваа соработка нема да биде само сега во многу кратко време него ние во наредните две години се обврзавме, имаме намера доколку потенцијалите тоа ни го дозволуваат, а се надевам дека тоа ќе ни го дозволуваат и Куп натпреварите во наредните две години да ги организираме и одржиме во Куманово, истакна Главчев.

 

 

Првиот голем кошаркарски настан од новата соработка ќе биде Суперкупот на Македонија на 26 или 27 септември, кога во Куманово треба да се соберат најдобрите сениорски екипи во машка и женска конкуренција.

Градоначалникот Димитриевски во меѓувреме посочи и на инвестициите во спортот и спортската инфраструктура.

– Она што по мене е најбитно дека Општина Куманово вложува во спортот, во развојот на спортот особено со младите генерации и сериозни средства како општина издвојуваме за финансирање на училишниот спорт, рече градоначалникот.

Како еден од примерите ја посочи спортската сала, која е целосно внатрешно реконструирана и повторно ставена во функција.

Работите на спортскиот комплекс продолжуваат и понатаму. Во моментов се реализира партерното уредување на просторот околу спортската сала, а следната фаза ќе биде реконструкција на паркинг-просторот. По усвојувањето на деталниот урбанистички план за овој дел од градот, предвидена е и изградба на дополнителен пат и нов паркинг-простор.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Делови од Куманово и околните села утре без струја

Димитриевски посочи дека во непосредна близина веќе се реализира инвестиција од страна на Фудбалската федерација на Македонија на еден од фудбалските терени, поради што очекува целиот простор со завршувањето на планираните проекти да прерасне во современ спортски комплекс.

– Сметаме дека по целосно завршување на осмислениот проект ова ќе биде еден од најдобрите спортски комплекси и не само во Куманово туку во државата генерално, истакна тој.

Дополнителни инвестиции се реализираат и во самата спортска сала. Во тек е поставување систем за вентилација и греење, за кој градоначалникот очекува да биде ставен во функција во текот на оваа сезона.

Предвидена е и интервенција на кровната површина, по што треба да се распише постапка за поставување фотоволтаици на целиот кров на спортската сала.

Со тоа, според најавите, објектот ќе добие дополнителна енергетска ефикасност и поголема енергетска независност.

Инвестицијата во системот за греење и вентилација е финансирана од Владата, по апликација на Општина Куманово преку ресорното Министерство за млади и спорт. Димитриевски информираше дека околу 80 проценти од инвестицијата веќе се реализирани, додека остануваат последните 20 проценти.

– Се надевам дека до крајот на годината, токму во зимската сезона, ќе можеме да му го направиме првиот тест на овој систем, додаде градоначалникот.

Никола Ивановски