Минчев: „Независноста е одговорност. Одговорност кон земјата, кон граѓаните и кон идните генерации“

Сподели со своите пријатели

Министерот за јавна администрација Горан Минчев упати честитка по повод 8 Септември – Денот на независноста, одбележувајќи ги 35 години од осамостојувањето на Македонија. Во пораката тој ја истакнува независноста како историско достигнување, но и како одговорност кон државата, граѓаните и идните генерации, повикувајќи на нејзино градење со гордост, љубов и одговорност.

„Има датуми што ги паметиме. Има датуми што ги славиме. Но има и датуми што ги носиме во срцето.

8 Септември е токму таков датум!

Пред 35 години, македонскиот народ одлучи сам да ја гради својата иднина. Со своја независна држава, со свои одлуки и со верба дека можеме сами да го одредуваме својот пат.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Димитриевски: „Со храброст и одговорност треба да продолжиме по патот на просперитетот“

Оттогаш до денес, многу генерации сонуваа, работеа, се бореа и создаваа. Некои ги поставија темелите, некои ја чуваа државата, а наша обврска е да ја направиме подобро место за оние што доаѓаат по нас.

Затоа, независноста е одговорност. Одговорност кон земјата. Кон граѓаните. Кон оние што веруваа во Македонија и кога беше најтешко. И кон децата и младите кои допрва ќе ја пишуваат нејзината иднина.

Да ја чуваме со гордост. Да ја градиме со љубов и одговорност. И да оставиме зад себе држава во која идните генерации ќе сакаат да останат, да живеат и да го градат својот сон.

Затоа што Македонија е нашиот дом. Нашето име и идентитет. Нашата култура. Нашата приказна. Нашата иднина.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  ЗНАМ: Денес, 35 години подоцна, независноста е наша чест, но и наша обврска

Честит 8 Септември – 35 години независна Македонија!

Да ни е вечна Македонија!“, стои во честитката на Минчев.