65-годишен кумановец заразен со Западен нил, пациентот е стабилен (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Прв случај на инфекција со вирусот на Западен Нил е потврден на подрачјето на Куманово.

Станува збор за 65-годишен маж од Куманово, кој е хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје.

Директорот на Центарот за јавно здравје Куманово, Херољинд Сакипи, информира дека здравствената состојба на пациентот во моментов е стабилна и дека тој е под постојан медицински надзор.

– На подрачјето на Куманово, поконкретно во градот Куманово, е потврден случај на инфекција на западнонилска треска. Станува збор за пациент од машки пол на возраст од 65 години, кој во моментот е хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје. Според најновите информации со кои располагаме, моменталната здравствена состојба на пациентот е стабилна и тој се наоѓа во континуиран медицински надзор и соодветен третман, изјави Сакипи.

 

 

Тој посочи дека кај пациентот, покрај инфекцијата со вирусот на Западен Нил, се присутни и хронични заболувања, меѓу кои и дијабетес, кои можат да влијаат врз текот на заболувањето.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Владата ги намалува цените на училишниот прибор до 15 проценти

По добивањето на информацијата за случајот, Центарот за јавно здравје Куманово веднаш ги презел потребните мерки согласно епидемиолошките протоколи.

Спроведено е епидемиолошко анкетирање на лицата кои живеат во истото домаќинство со пациентот, како и прибирање податоци за неговото движење и престој во периодот пред појавата на првите симптоми.

– Целта на анкетирањето беше да се идентификуваат можните места на изложеност и потенцијалните локации каде што можело да дојде до убод од заразен комарец, вели Сакипи.

Врз основа на податоците добиени од епидемиолошкото анкетирање, синоќа била извршена дезинсекција во домот на пациентот, како и во село Војник во Општина Старо Нагоричане. Според информациите добиени од анкетирањето, пациентот престојувал на овие локации во периодот пред појавата на првите симптоми.

– Согласно проценката на епидемиолошкиот ризик, преземањето на овие мерки беше насочено кон контрола на популацијата на комарци и намалување на ризикот од понатамошен пренос на инфекцијата, изјави директорот на ЦЈЗ Куманово.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Граѓаните да ги остранат возилата околу „Жмара“, апелираат од „Куманово паркинг“

Сакипи појаснува дека западнонилската треска најчесто се пренесува преку убод од заразен комарец и не се пренесува преку вообичаен контакт меѓу луѓето.

Во меѓувреме, Општина Куманово информира дека активностите за превенција и сузбивање на комарците на територијата на општината започнале уште во мај 2026 година.

Во мај бил спроведен првиот ларвициден третман, насочен кон сузбивање на ларвичните форми на комарците. Дополнително, биле реализирани и две авиотретирања со широкопојасен инсектицид, насочени кон возрасните форми на комарците, во почетокот на јули и почетокот на август.

Од мај се врши и терестрична дезинсекција еднаш месечно, а активностите согласно планираната динамика треба да продолжат до септември.

Општината информира дека авионското прскање против комарци е завршено во целост, додека во септември останува да се реализира уште петтиот терестички третман, со што ќе се заокружат планираните активности за третирање против комарци за оваа година.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Поради сомнителен случај на западнонилска треска, вечерва вонредно прскање во Војник

– Општина Куманово постапува според укажувањата на надлежните здравствени институции, а доколку се процени дека е потребна дополнителна интервенција, таа ќе биде спроведена, соопштија од Општина Куманово.

Од Центарот за јавно здравје Куманово велат дека состојбата продолжува активно да се следи и дека институцијата е во континуирана комуникација и соработка со надлежните здравствени институции.

Според најновите информации, во Македонија се регистрирани вкупно 50 потврдени случаи на западнонилска треска. Досега како последица на вирусот починаа пет лица во земјава.

Западнонилската треска е вирусно заболување предизвикано од вирусот на Западен Нил, кој најчесто се пренесува на луѓето преку убод од заразен комарец.

Природниот циклус на вирусот главно се одвива меѓу комарците и птиците, а луѓето и коњите можат да се заразат кога ќе бидат каснати од заразен комарец.

Во Европа, преносот најчесто се забележува во сезоната на комарци, од доцна пролет до есен, со најголема активност во периодот од јули до септември.

Никола Ивановски