Денес, Кремљ ги отфрли тврдењата за подготовки за нова мобилизација во Русија како „лажни“.
„Знаете, сето ова е подметнато од украинските власти. Секако, режимот се обидува идеолошки да ја дестабилизира ситуацијата во нашата земја. Сето тоа се само лажни вести, намерно подметнати од медиумите“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесува ТАСС.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека 300.000 Руси, кои ќе бидат мобилизирани на есен, би можеле да отворат нови насоки на фронтот во источна Украина или во регионот Чернигов-Киев.
Зеленски изјави за „Униан“ дека рускиот претседател Владимир Путин ѝ наредил на својата армија да ја окупира целата територија на украинските региони Донецк и Луганск до крајот на оваа година.
Украинскиот претседател, исто така, во јули изјави дека, според украинските разузнавачки информации, Кремљ подготвува нова мобилизација во Русија по парламентарните избори закажани за 21 септември, наведувајќи дека мобилизацијата ќе вклучува од 300.000 до 500.000 војници, пренесува Танјуг.

