До октомври се очекува да биде завршена улицата „Моша Пијаде“ (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Улицата „Моша Пијаде“ во Куманово се очекува целосно да биде завршена до октомври, најави градоначалникот Максим Димитриевски, посочувајќи дека станува збор за сложен и обемен инфраструктурен зафат.

– Што се однесува до улицата „Моша Пијаде“, тоа е еден многу, многу посериозен опфат. Паралелно се работи на истата улица за изградба на нова фекална канализација, дополнително спуштање на сите кабли на сите кабловски оператори под земја и комплетно нова инсталација на ЕВН“, изјави Димитриевски.

Според него, околу половина од трасата веќе е завршена, а во следниот период ќе продолжат активностите на преостанатиот дел.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  „Одговорно пред пешачки премин“ – превентивна кампања на СВР Куманово (ФОТО)

– Некаде 50 отсто од трасата е веќе завршена, но во следниот период ќе следува завршување на тие 50 проценти, на асфалтната подлога, рече градоначалникот.

 

 

Димитриевски информираше и дека е завршена тендерската постапка за избор на оператор за изградба на улицата „100“, која, како што вели, е меѓу најскапите сообраќајници во градот.

– Заврши и тендерската постапка, извршен е избор на оператор за изградба на фамозната улица „100“, која, морам да кажам, е една од најскапите улици во градот“, посочи Димитриевски.

Тој објасни дека високата вредност на зафатот во голема мера е поврзана и со претходните градежни активности на локацијата, особено со изградбата на потпорниот ѕид.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Давид Димевски потпиша за Еурофарм Пелистер 2

– Претходно во неколку наврати се работеше на изградба на потпорен ѕид, кој чини некаде околу 300.000 евра, и тоа дополнително ги отежна целокупните градежни активности, изјави Димитриевски.

Сепак, градоначалникот уверува дека реализацијата се одвива според предвидената динамика и очекува улицата да биде готова наесен.

– Како и да е, оди сè според план и динамика и јас очекувам дека улицата „Моша Пијаде“ до некаде октомври месец ќе биде комплетно завршена, најави Димитриевски.

Никола Ивановски